(Галерија) Дунавка ме спаси од бившата која сè уште ме прогонува, Ване Цветанов првпат прозборе за љубовта со манекенката

Поранешниот директор на финансова полиција Ване Цветанов пред Прочка се ожени со поранешната менекенка Дунавка Трифуновска. По прстенувањето, тие заминаа во еден скопски ресторан каде што правеа свадба.

Ване за „Репортер“ ни откри дека сè поминало убаво, но поради пандемијата на свадбата имало само десет луѓе. Среќен што е со Дунавка, тој за „Репортер“ првпат ја подели нивната љубовна приказна. Не е е тајна дека на романтичен начин ја побара за жена, во авион, а по две одложувања на прстенување во манастирот „Свети Јован Бигорски“, на крај сепак тоа се случи во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје.

Поранешниот финансов директор ни ја откри не само љубовната приказна со Дунавка и сè она поради кое тој ја сака, туку зборуваше и за проблемите кои ги има со неговата поранешна девојка.

На прашањето како се запознаа со Дунавка и како започна нивната љубовна приказна, Ване ни откри:

„Постои нешто што се вика Божја волја, за нас коишто сме верници. Минатата зима Дунавка ми се јави да ме консултира за една професионална тема. Бев позитивно изненаден од нејзиниот професионализам и културен пристап. Почувствував висок степен на интегритет од една страна, а од друга страна огромна човечност која што ме фасцинираше. Во тој период бев во страшна емоционална криза бидејќи бев киднапиран од поранешната девојка. Од две години врска, последната година буквално ја молев на колена да ја прекинеме врската на културен начин, но, таа ги искористи сите валкани методи за да ужива во моите привилегии“, раскажува Цветанов.

Тој ни се пожали дека бил комплетно несреќен и скршен. Барал начин како да се избори за сопствената слобода. „Не сакав да повредам никого, сè уште не бев ни свесен со какво зло си имам работа. Па така, телефонскиот разговор со Дунавка од предвидените пет минути за професионална комуникација се претвори во пријателски разговор од два часа бидејќи беше викенд. Дунавка ја знаеше комплетно тежината и комплицираноста на ситуацијата и таа од почеток ме прифати како човек и во период од неколку месеци ми даваше човечка поддршка. Но, првиот состанок се случи дури летото. Дунавка, веќе ме освои со сета нејзина  човечност, култура и нејзиниот пристап кон моралните вредности“, ни открива Цветанов. Тој е искрен па ни раскажа и како се чуствувал на првата средба.

„Кафе, дружба, кога ѝ го видов сјајот во очите, ме пресече стомакот, ми заиграа пеперутки, но сè уште немав храброст. Потоа интензивно се дружевме, пешачевме, долги разговори, сè додека не се случи првиот бакнеж. И пламна огнот што сè уште трае“, искрен е сопругот на Дунавка.

Едно време Дунавка ја брануваше јавноста по настапот на Изборот за Мис, потоа и наводната љубов со Владо Јаневски, па го прашавме Ване дали го погодиле муабетите за неа.

„Таа во оваа врска влезе чиста како кристал. До денес не се јавил никој со некаква тема или проблем од нејзиниот живот кој би предизвикал некаква нервоза или проблем во нашата врска. Од друга страна, моето минато е проблематично. Секој ден голем дел од времето го трошиме да расчистуваме проблеми кои сè уште ги прави мојата поранешна девојка. Не верувам дека во последните 100 години сè има родено таква патолошка лажга која нема шанси да помине ни лекарско тестирање или преглед за патолошко лажење. Секој ден таа личност шири лаги против мене, па трошиме по половина час забавувајќи се со исправање лаги и смеејќи се на приредените циркуси. Во останатиот дел од времето предвидено за нас сме свои, автентични, вљубени и уживаме во љубовта за којашто и двајцата се согласуваме дека е дар од Бога“, поранешниот директор раскажува низ емоции за проблемите и за она што го прави среќен.

Ване ни откри и што е тоа што најмногу го привлекло кај Дунавка, но ги откри и нејзините негативни страни и работи за кои тој смета дека може да се поправат во врската.

Вели дека нејзината енергичност некогаш можела и да го убие во кавгата, но вели тој: „Едно знам, Дунавка никогаш нема да ме предаде ни за милион долари“.

Понатаму тој раскажува: „Дунавка е првата жена или девојка со која што сум бил, а да не е материјалист по ниту една основа. Секој ден откривам нови позитивни страни коишто ме воодушевуваат. Дунавка е крајно патријархална личност којашто е продуховена, а нејзината филозофија на живеење се темели на длабоки етички принципи. Таа е и модерна жена со светски погледи и би бил горд со неа да се појавам на вечера во најелитниот ресторан во Њујорк. Дунавка е комплетна. Токму поради тие принципи, љубовта со Дунавка е поголема од кауза, нашата љубов е догма“, раскажува Ване за љубота кон Дунавка.

Ване ни откри дека на свадбата која ја правеа неодамна немало многу гости и дека биле испочитувани сите мерки за спречување на ширењето на ковид-пандемијата.

Во црквата „Свети Димитрија“ беше церемонијата за прстенување. На свадбата присуствувале само десет гости, а на прославата во еден скопски ресторан сè било согласно ковид-стандардите. Ване вели дека му е жал што не се случило прстенувањето во манастирот „Свети Јован Бигорски“, затоа што имало многу снег. Тој ни откри дека наскоро е венчавката во црква кога ќе склучат и граѓански брак.

Љубиша Владимиров

 

Scroll to Top