Вчеравечер во Бејрут, Либан, се одржа изборот за Мис на Европа 2020 година. Македонската претставничка Ангела Јакимовска и Лара Стешевиќ од Црна Гора, двете од модното студио „Црнокрак“, освоија титули на овој избор за убавина. Ангела беше избрана за Мис најубаво тело, а Лара, која ја претставуваше својата земја, е трета придружничка.
„Финалето на изборот се одржа без публика, поради мерките против коронавирусот, што се преземаат и тука. Нашите две претставнички постигнаа убав успех со тоа што влегоа во топ 10 убавици, но освоија и титули. Модното студио ‘Црнокрак’ веќе неколку години ја поседува лиценцата за овој престижен избор за убавина“, рече Мики Црнокрак, кој е во Либан. Тој беше и член на жирито.
На натпреварот за Мис Европа победи убавицата од Франција. Титулата прва придружничка ја освои мис на Литванија, а втора придружничка е девојката од Украина. Сите европски убавици две недели престојуваа на самиот брег на Средоземното Море во Бејрут.