Актерот Гоце Тодоровски се пензионираше. Тој вчера ја одигра последната претстава, по што публиката на нозе го испрати со громогласен аплауз. Освен публиката, присутни биле и колегите од Драмски театар.
„Нашиот драг колега, бардот на Драмски театар, Гоце Тодоровски, ја одигра последната претстава за плата. Ти посакувам среќно одење во пензија колега и уште многу улоги понатаму. Доколку те нема на сцената, нашата публика, а и Драмски театар ќе изгубат еден голем раскошен актер“, рекла актерката Душица Стојановска Настовска по претставата.
Гоце Тодоровски е роден во Кичево и веднаш по вработувањето во Драмски театар во Скопје стана еден од најпознатите актери кај нас. Учествуваше во голем број ТВ и сатирични радиоемисии и серии. Глумеше во повеќе филмови, но најзапаметен ќе остане по улогите во Македонски народни приказни, каде ги имаше водечките улоги од 1986 до 2012 година.