Гробот на Есма запуштен, семејството реагира

Вчера на социјалните мрежи осамна фотографија од гробот на Есма Реџепова. Прекриен само со земја и едно оскудно цвеќенце, што ни од блиску не личи на вечниот дом на кралицата на ромската песна и национален уметник на Македонија. Ова беше доволна причина да тргнат лавина коментари на социјалните мрежи, на што реагира и семејството на Реџепова, навредено од коментарите дека Есма е заборавена.

„Ја гледам сликата половина час и стварно не знам што да кажам. Грозно, бедно, очајно. Вечниот дом на нашата Есма, која беше кралица на ромската музика во светски рамки, национален уметник на нашата земја, која одгледа 47 деца и беше најголемата хуманитарка, која има одржано над 2.000 хуманитарни концерти во светот и на нив ја ширеше традицијата на македонскиот и ромскиот народ. Еве каде почива и навистина ми е срам што го гледам ова. Ооооо, моја проклета Македонијо“, напиша водителката Јелена Спенџарска, која ја објави фотографијата од гробот на Есма и ја разгоре дискусијата на социјалните мрежи. По ова, следуваа низа негативни коментари дека никој не се грижи за вечниот дом на Есма. Навредена од ваквите коментари, се јавила ќерката на Есма Реџепова. Таа рекла дека не е точно дека никој не се грижи за гробот на Есма и дека еден од обичаите кај муслиманите е да се чека една година за да се направи споменик. Сепак, сомнежите за сето ова се провлекуваат затоа што нејзините деца имаат сериозни проблеми за наследството, кое таа го подари на државата. „Без разлика на сѐ, ова место е тотално запуштено. Тоа е толку очигледно од сликата дека е заборавено. Затоа си дозволувам по којзнае кој пат да прашам: Зарем ова го заслужува мајката над мајките и националниот уметник Есма Реџепова-Теодосиевска“, реагираа повторно на социјалните мрежи и по изјавата дека поради обичаите не е среден гробот.

Scroll to Top