И првата дама береше јаболка со жените земјоделки од Преспа

Првата дама Елизабета Ѓорѓиевска беше во посета на Преспа и заедно со земјоделките од Преспанскиот Регион береше јаболка. Таа имаше средби со земјоделките кои придонесуваат за одржлив развој на руралните средини.

Посетата на Ѓорѓиевска беше во пресрет на Меѓународниот ден на руралната жена.

„Во село Болно, Ресен, ме пречекаа трудољубиви земјоделки, меѓу кои и Фросина Ѓорѓиевска, чија работа е инспирација за понатамошен развој на земјоделството како стопанска дејност која може да придонесе за одржлив развој на руралните средини. На фармата се запознав и со семејството Транталовски, чијашто производната линија ‘Преспино’ претставува пример за јакнење на свеста за купување и вреднување на домашното производство“, напиша првата дама.

Неодамна за „Репортер“ руралната приказна за развој на овошната семејна фарма ја раскажа Ана Лабор од „Спирит оф Преспа“, која заедно со нејзината мајка Виолета и сестра си Елена ја развиваат фармата наследена од нивниот дедо.

„Спирит оф Преспа“ е приказна која започнала во 2018 година, а овоштарникот постои во семејството од 1960 година. Како што раскажува Ана, со климатските промени и недоволната заработувачка од продажбата на јаболката на големо биле принудени  да направат диверзификација на фармата и се одлучиле да развиваат рурален и агротуризам.

„Освен јаболка, имаме насади со цреши, сливи, вишни, тикви, планински чај и многу зрнести и јаткасти овошја од кои ги произведуваме мармаладите и соковите кои имате можност да ги пробате кај нас. Практично имаме од сè  по нешто за преку цела сезона да имаме што да понудиме на гостите“, раскажува Ана за Репортер.

 

Scroll to Top