Ана, Елена и Виолета- трите жени од Преспа кои семејната овошната фарма ја претворија во агротуризам

Ако некогаш патот ве води кон Преспанскиот Регион имајте ја на ум овошната фарма „Спирит оф Преспа“ сместена во Царев Двор. Приказната на Ана Лабор, која заедно со нејзината мајка Виолета Прцуловска и сестра си Елена Ивановски, ја развила фармата која ја наследила од нејзиниот дедо.

„Спирит оф Преспа“ е приказна која започнала во 2018 година, а овоштарникот постои во семејството од 1960 година. Како што раскажува Ана, со климатските промени и недоволната заработувачка од продажбата на јаболката на големо, биле принудени  да направат диверзификација на фармата и се одлучиле да развиваат рурален и агротуризам.

„Освен јаболка, имаме насади со цреши, сливи, вишни, тикви, планински чај и многу зрнести и јаткасти овошја од кои ги произведуваме мармаладите и соковите кои имате можност да ги пробате кај нас. Практично имаме од с  по нешто, за преку цела сезона да имаме што да понудиме на гостите“, раскажува Ана за Репортер.

Да се развива бизнис, а во истовреме да се работи земјоделие не е едноставно, но љубовта и желбата за нешто свое ја прави успешна жена.

„Не е лесно да се развие бизнис, но доколку се има план и бидете добро организирани, знаете што сакате, имате познавање и најбитно го сакате тоа кое го работите, е многу полесно. Спомнав дека овоштарникот го имаме од 1960 година, така што јас сум родена во земјоделско семејство кое е гордо на тоа што го работи и за мене е многу лесно со љубов и страст да ја раскажувам нашата приказна без никакви ограничувања од околината“, вели Ана.

Кога гостите пристигнуваат во овоштарникот прво се сместуваат под дебела сенка под летниковецот, а за топло добредојде нудат ресенско, агрополод кафе или планински чај, сок од сезонски домашни зрнести овошја и традиционална штрудла со јаболка. Потоа следува прошетка кон овоштарникот каде се случуваат активности во зависност од која понуда ја одбрале гостите. А децата добиваат безбедно возење на трактор што е незаборавно искуство за нив.

„Најголем дел од гости се странци. Голем дел од нив живеат и работаат во државава,  додека, пак, туристите или не наоѓаат на социјалните мрежи или се преку некоја туристичка агенција. Домашни гости исто така имаме, посебно последниве 2 години. Кај нас секој гостин е подеднакво третиран без разлика од каде е, и морам да кажам дека често се случува истите гости да нè посетат во различни периоди од годината“, рече Ана.

Себе се нарекува локален патриот, бидејќи има голема љубов кон Преспа, овоштарникот и семејството. Ана во последните две години живее во Дубаи, но секоја можна прилика за да си оди во родната Преспа ја користи. Таа веќе детално ги има испланирано деновите кога ќе пристигне дома, а тоа е за време на јаболкоберот, септември и октомври.

„Ние трите сме она што го прави ‘Спирит оф Преспа’ комплетен, единствен и уникатен. Јас сум задолжена за организација на тури, настани, маркетинг и промовирање, сестра ми е креативната и е задолжена за уредување и украсување, а мајка ми е позната по нејзините кулинарски способности и е задолжена околу подготовката на сокови, мармалади и сè останато што нудиме. Заедно одлучуваме пред секоја сезона во која насока ќе се движиме и обврските ги делиме подеднакво“, раскажува Ана, која додава дека имаат неколку различни тури во зависност од барањата на гостите, големината на групата, времетраењето како и од периодот.

Периодот кој следува во Преспанскиот Регион е познат како јаболкобер кој традиционално започнува на 27 септември и ќе трае 1 месец. Па и оттука ова е и главниот настан во „Спирит оф Преспа“ каде се прават голем број  резервации и сите заинтересирани може да се вклучат во берење  преспанска јаболка.

Овоштарникот освен што е интересен за посета на туристите, е и главна атракција за македонските инфлуенсери каде подготвуваат модни едиторијали.

„Морам да ја издвојам Александра Шијакоска. Била неколку пати и веќе се договараме за нова посета деновите за почеток на јаболкоберот. Александра го знае секој дел од фармата и дури и не мораме да ја придружуваме, како домашна е. Секоја сезона уредуваме неколку локации во овоштарникот каде може да се направат одлични фотографии, но есенското катче е секогаш најинтересно и најпосетено за фотографирање. Оваа година имаме и поле со цвеќиња кое е одлично за летни фотографии“, вели една од сопственичките на „Спирит оф Преспа“.

Овоштарникот се наоѓа во село Царев Двор, во срцето на Преспа. Имотот е голем 5 хектари или 50.000 м2. На оваа површина одгледуваат неколку култури од кои околу 5.000 садници се јаболка, 200 цреши, 200 сливи, 50 вишни, имаат и тикви и планински чај посадено на 1.000м2, а во помала бројка се лешници, ореви, рибизли, аронија, малини, капини, јагоди, мушмули.

Габриела Додевска

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Scroll to Top