На 2 август (сабота), на плоштадот во Елшани, ќе се одржи 11-тото издание на манифестацијата „Илинденска вечер во Елшани“. Настанот, кој во изминатата деценија прерасна во симбол на заедништво, традиција и празничен дух, и оваа година нуди програма што го спојува културното наследство со современиот музички израз.
Со почеток од 21 часот, посетителите ќе можат да уживаат во фолклорни изведби што ќе ги доловат корените на македонската народна песна и оро, особено од охридскиот регион. Од 22 часот, атмосферата ќе ја оживеат Туше и Татијана Стефаноска, кои ќе настапат со нивни авторски композиции и омилени македонски народни песни.
Организаторите истакнуваат дека манифестацијата има за цел „да го позиционира Елшани на културната и туристичката мапа на Охрид и пошироко, претставувајќи го како современа, но автентична дестинација за одмор, блиска до градот, а богата со дух и традиција“.
Името „Илинденска вечер“ не е случајно – настанот го спојува историскиот контекст на двата Илиндена (1903 и 1944), со духовната димензија на празникот посветен на Свети пророк Илија – заштитникот на селото.