Повеќе реномирани дизајнери ментори ќе бидат дел од годинешното, 4. По ред издание на Креативниот ден во Битола кое оваа година ќе се одржи на 28.мај во Битолскиот театар и тоа: Благој Мицевски, Андреј Папаз, Александар Ортаковски, Муамед Маликовски, Монсоло, Екатерина Петреска, Боркица, Христијана Голубовиќ,Сербез, Алшар Силвија Михајловска, Весна Божиловиќ,Бе.оне, Маја Петковска, Маја Андревска, Ирена Стојановска, Снежана Петровска, Анастасија Зулевска, училишта од Скопје, Струга, Прилеп, Богданци, Куманово, Штип, Виница и домаќинот Битола. ВИП гости: Никола Ефтимов, Ивана Кнез, Елена Лука, Татјана Алексиќ, претставници од Текстилен Кластер.
„Она што е најважно во овај процес е тоа дека учениците поминуваат низ цел процес од идеја до реализација на модел. Уште поголемо искуство е соработката со конкретен ментор и клиент што на некој начин теоретското искуство го претвора во практично. На тој начин се подигнува нивото на текстилното образование кое произведува дизајнери подготвени за конкретни предизвици“, вели Мицевски.
„Преку практична работа, креативна слобода и јавна презентација на нивниот труд, учениците добиваат чувство на вредност, самодоверба и реална перспектива за својата идна професија. Работењето на конкретен проект од почетна идеја до финален производ, особено под менторство на професионалци, е мотивациски двигател и одлично надополнување на класичната училнишна рутина. Учениците учат за работа под притисок, комуникација, тимска соработка и презентациски вештини, сето тоа преку искуствено учење кое остава трајна трага“, истакнува Ортаковски.
Дизајнерите ќе дизајнираат заедно со младите од текстилниот отсек во средните училишта низ Македонија. Учествуваат 32 екипи од 11 градови, 9 стручни училишта. Секој тим се состои од: талентиран ученик од стручно модно училиште, дизајнер-ментор, кој ги води низ креативните и техничките аспекти на процесот и успешна жена – Дама – која, претставувајќи ја финалната креација на модната писта, ја покажува својата општествено, социјална одговорност,јавно им го признава стекнатото знаење и вештини на младата генерација дизајнери и креативци.
Со тоа настанот секоја година станува се помасивен, со се поголема заинтересираност и учество на училиштата. Поврзаноста со бизнис секторот е во насоката на тоа што моделите ги носат успешни деловни жени од Битола, а собраните средства одат за подобрување на практичната настава.
„Креативен ден“ е настан по иницијатива и идеја на Весна Божиловиќ, продуцент и дизајнер од продукција “Божиловиќ“, на која од првиот настан се приклучија професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска од текстилната струка на СОУ “Таки Даскало“, Битола.
„Она што започна како мала иницијатива, Денот на креативноста, сега се прошири на национално ниво, поврзувајќи средношколци, студенти, ментори, успешни жени и професионалци од индустријата. Една од нашите клучни цели е да ја разбиеме стигмата околу стручното образование и да им покажеме на младите дека изборот на овој пат не е само паметен, туку и возбудлив, модерен и полн со можности. Со здружување на студенти, експерти од индустријата, дизајнери и бизнис лидери, создаваме мост помеѓу образованието и пазарот на труд, давајќи им на младите луѓе доверба да се гледаат себеси како професионалци – дури и пред да дипломираат“, истакнува Божиловиќ.
Оваа година темата е Ориент.
„Фокусот ни е на креативниот процес од почеток до крај -од истражување на ориенталната култура и модни влијанија, преку скицирање на модели, до изработка и стилизирање. Сите тимови работат на модели кои се инспирирани од ориентот- богатото културно наследство, декоративните елементи , традиционалните ткаени и колоритни мотиви од истокот. Покрај организацијата на модната ревија ќе има и средби и разговори околу дизајнирањето на облека со познати дизајнери од Македонија.
Целта ни е не само да прикажеме облека , туку и целосно визуелно и културно искуство инспирирано од ориентот“, велат професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска.
Овој настан полека но сигурно, прераснува во растечка заедница на иноватори, едукатори и претприемачи кои веруваат во моќта на модата како професионален пат и алатка за промени, се трансформира во вистинска Модна Зона.