Судот во Јужна Кореја осуди 68-годишен маж на 14 месеци затвор затоа што ја пофалил Северна Кореја во песна.
Во својата песна, објавена во 2016 година во Северна Кореја, Ли Јун Сеоп го промовирал обединувањето на двете земји.
Во песната тој напиша дека доколку двете Кореи се обединат под социјалистичкиот систем на Пјонгјанг, граѓаните ќе добијат бесплатно сместување, здравствена заштита и образование. Тој е осуден според јужнокорејскиот закон кој забранува јавна пофалба на Северна Кореја, пишува Би-Би-Си.
Во песната со наслов Means of Unification, Ли исто така наведува дека во обединета Кореја би имало помалку самоубиства и долгови. Неговата песна беше прогласена за една од најдобрите на поетски конкурс во ноември 2016 година.
Ли веќе помина 10 месеци во затвор за сличен прекршок во минатото. Судот во Сеул рече дека Ли продолжил да шири пропаганда во која го величал и го фалел Северот.
„Кореа Хералд“ вели дека 68-годишниот маж објавувал коментари на интернет во кои ја пофалил војската на Северна Кореја во 2013 година и продолжил да објавува антидржавни содржини на јужнокорејските блогови и веб-страници во следните години.