Наташа Николовска (42) од Скопје, самохрана мајка на малиот Марио, ја изгуби битката со болеста. Јавноста дозна за мајката пред три години кога беа објавени хуманитарни акции со цел да се соберат средства за нејзиното лекување. Животот воопшто не беше лесен за неа. Во 2016 таа го загуби сопругот кога тој ненадејно почина од инфаркт, а само една година подоцна таа се разболе од рак на желудникот.
Само неколку дена по објавата на веста дека на мајката ѝ се потребни финансиски средства за озонска терапија на приватна клиника, се организираа низа хумани акции. Граѓаните донираа преку телефонските броеви, се вклучија цели училишни паралелки, како и пратениците, кои донираа дел од своите плати. Кога сумата беше собрана, таа јавно се заблагодари за помошта.
„Јас сум жилава личност, ќе успеам. Морам да си го изведам детето на прав пат, да бидам тука за него. Сакам тој да израсне во успешен човек, да биде дури подобар и поуспешен и од мене и од татко му. Тоа ми е животна цел. А за него секоја жртва се исплати.
Јас знам дека се борам со духови и немам ривал пред себе. Им праќам поздрави на сите хумани луѓе што донираа. Ова не е само донација за една мајка, туку донација за едно дете што треба да порасне покрај мајка и да не ја почувствува горчината на животот уште од мал“, изјави тогаш Николовска.
Веста за смртта ја соопштија нејзините најблиски на социјалните мрежи опростувајќи се од неа со потресни пораки.