Кире Лазаров во изолација: Конечно имам време целосно да се посветам на семејството

Капитенот на македонската ракометна репрезентација и играч на „Нант“, Кирил Лазаров, деновите во изолација ги поминува со семејството во Франција. Нант се наоѓа во западниот дел на земјата, а Кире вели дека градот кајшто живее, не е меѓу најпогодените во државата. Во меѓувреме, ги следи препораките за заштита.

„Гледам да го искористам слободното време максимум, зашто никогаш досега сум го немал толку многу. Сега конечно имам време многу повеќе да се посветам на семејството и да бидеме заедно. Истовремено, работам на подготовка и на усовршување на проекти што планирам да ги реализирам во блиска иднина. Гледам по еден филм дневно, а читам и книга пред спиење“, откри Кире за „Репортер“.

Капитенот вели дека ситуација треба сите да ја сфатиме сериозно и да направиме напор да бидеме дисциплинирани и да ги применуваме сите препораки што ни ги даваат институциите.

„Луѓето треба да го искористат сега времето што го имаат да се одморат, добро да се освежат физички и ментално, затоа што ова ќе помине и ќе треба спремни да го дочекаме новиот почеток, ако може така се каже… Треба да се биде инвентивен, со позитивна мисла, максимално солидарен и, секако, ментално подготвен“, додаде Лазаров.

А. Јовановска

Scroll to Top