Клупата на Горан Стефановски не стигна од Лондон во Дебар Маало за неговиот роденден

Во Дебар Маало вчера требаше да биде поставена клупата на легендарниот драматург Горан Стефановски. На клупата е излеана и бронзена биста во природна големина. Иако беше планирано клупата да биде откриена на денот на неговото раѓање, 27 април, неговиот син Игор рече дека клупата не стигнала од Лондон заради пандемијата со Ковид-19. Клупата ќе биде поставена на омиленото место на починатиот писател, во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“. Таму лани, во чест на Стефановски, беше засаден чинар.

„Денеска, околу ова време, требаше да се собереме во Дебар Маало за да ја откриеме клупата на Горан (заедно со една мала забава за неговиот роденден). Тоа, како и многу други нешта, не се случи, но се надевам дека во скоро време ќе бидеме заедно за овој и сите културни настани кои толку многу ни фалат овие денови. Бидејќи, што е животот без културата?“, напиша на „Фејсбук“ Игор Стефановски и објави слика од тоа како ќе изгледа бистата на починатиот писател.

По смртта на Стефановски, Општина Центар најави дека во Дебар Маало ќе се постави клупа во негова чест. Лани, на денот на неговото раѓање, во негова чест беше засаден чинар

Стефановски е роден на 27 април 1952 година. Дипломирал англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Почина во Кентербери, Англија на 27 ноември 2018 година, по кусо боледување.

Автор е на легендарните драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“.

Scroll to Top