Копров ѝ понудил песна на „Молика“ за фестивал што нема да се одржи

Откако минатата недела се пишуваше дека Анета и групата „Молика“ ќе ја претставуваат Македонија на „Евровизија“ во Лисабон, демант дал Џими, член на групата и сопруг на пејачката.

„За да нема недоразбирања, морам да нагласам дека ние директна покана од МРТ не сме добиле, туку разговаравме со Копров кој ни понуди песна со која ќе учествуваме на домашниот фестивал, па доколку победиме на истиот, тогаш би ја претставувале Македонија на ‘Евровизија’”, открил тој за „Вечер“.

Муабетите за изборот на „Молика“ потекнаа од фановите на групата, кои поставија статус на нивната фан страна.

„Наредната 2018 година нашата Анета Мицевска – Молика за прв пат ќе добие песна и ќе учевствува во изборот на песна за Евровизија, но не по секоја цена. Се разбира со проверен тим и преубава песна. Се надеваме дека тоа ќе се случи бидејќи ние веруваме премногу во нашата Анета“, е дел од статусот објавен на фан страната.

Нивната желба за Анета Молика да пее во Лисабон многумина ја протолкуваа како договор помеѓу Македонската телевизија и групата „Молика“. Од МРТ засега не откриваат на кој начин ќе се избере следниот македонски претставник за Евровизија, а извори на „Репортер“ во телевизијата велат дека за фестивал воопшто не се размислува. Доколку има фестивал, конкурсот веќе би требал да е објавен за авторите да можат да ги испратат песните.

Досега МРТ три пати има организирано фестивали за избор на македонски преставник за „Евровизија“ и тоа во 2003 година со Тоше Проески кога тој пееше песни од 10 различни автори, 2004 година кога се натпреваруваа Алексанра Пилева и Мартин Вучиќ и 2005 година кога на изборот одржан во едно од студијата во телевизијата победи Елена Ристеска со „Нинанајна“.

Евровизиски претставник неколку пати се избираше и преку „Скопски фестивал“, а последен пат се одржа 2014 година, кога победи Даниел Кајмакоски со „Лисја есенски“.

(А.Ј)

Scroll to Top