Композиторот Александар Митевски и актерот Драган Спасов Дац се новите кумови за прославата на Бадник 2022, додека ликовниот уметник Живко Поповски Цветин ќе биде здравичар на 29. прослава по ред. Уметничкото трио беше претставено вчера на прес-конференцијата на здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје“.
Новиот кум Драган Спасов – Дац нагласи дека сплотеноста, енергијата и љубовта од организаторите му претставувале посебен поттик да продолжи да работи со нив и порача дека му е задоволство што токму тие се предложени да бидат кумови.
„Мило ми е што сум овде на ова место заедно со Александар. Ги запознав овие луѓе бадникари. Видов таква една сплотеност, таква една енергија, таква една љубов према тоа што го работат што и јас се вљубив во целава оваа организација и во се она што го прават и ветувам дека ќе бидам заедно со нив и понатаму. Драго ми е што бевме предложени од помладите членови во овој Одбор кои се навистина една голема сила во оваа цела организација. Ви посакувам се најубаво на сите. Ако минатата година имаше доктори, оваа година веројатно уметноста ќе го спаси здравјето“, рече Дац.
Александар Митевски исто така изрази задоволство што токму нив ги предложиле за кумови. Тој се потсети на поранешните прослави на кои учествувал и со музика давал поддршка на млади групи коишто собирале бадникови гранчиња.
„И мене ми е многу драго што бевме избрани и од помладата и од постарата популација. Прво дружење имавме на местото каде се собираа бадникарчиња и интересно е што ние со музика им дојдовме и ги посетивме сите тие млади групи коишто собираа бадникови гранчиња. Тоа е една голема обврска што ние ја преземаме и сакаме да дадеме плус квалитет во ова наше гостување оваа година со огромна почит кон сите претходни кумови и здравичари. Ние со Дац имавме една мисија да му дадеме на народот позитивна енергија со нашите песни тоа ќе го продолжиме и понатаму со огромна почит пред сите претходни кумови и здравичари“, истакна Митевски.
Ликовниот уметник Живко Поповски-Цветин упати порака за мир љубов и здравје. Новиот здравичар има над 60 илјади слики подарено низ цел свет.
„Токму таа порака ќе биде испратена до сите наши скопјани, пред се бадникари, христијани, православни христијани кои ја шират најблагородната мисија на мирот и љубовта, солидарноста, да си помагаме меѓу себе, да има доволно храна по полињата скопски и македонски, да има доволно солидарност меѓу луѓето, да подадеме рака за помирување, за простување и посакување на најубави нешта што ги носи животот“, рече тој.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски им посака здравје и многу успех на кумовите, здравичарот и организаторите, а на младите од организацијата им порача да ја продолжат традицијата и вети поддршка од Општината. Додека Мојсо Мојсовски од одборот за Бадник, потсети дека на 26 декември на местото Говрлевска краста на јужната страна на Водно на пладне ќе се берат бадникови гранчиња, а на 6 јануари 2022 години ќе се одржи централната прослава со почитување на здравствените протоколи.