(Видео) „Македонијо, во срце те носиме“ со нова емотивна изведба на Наум Петрески: „Ако умрам ил загинам“ песна за татковината, спомените и вечното пријателство

Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ продолжува со нова, длабоко емотивна објава што ја носи моќната изведба на Наум Петрески на песната „Ако умрам ил загинам“. Овој пат проектот не говори само за татковината, туку и за пријателството – искрено, топло и трајно, преку видео кое на трогателен начин го прикажува пријателството меѓу Наум и Андреј од ДНК, кој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката во Кочани. Видеото содржи фотографии од дружбите на двајцата уметници и е посветено токму на споменот за Андреј – како музичар, пријател и човек.

Песната, во својата нова аранжманска визија потпишана од маестро Николче Мицевски, го задржува духот на оригиналната верзија на Јонче Христовски, кој е и комплетен автор на композицијата, но го пренесува со интензитет што се чувствува до најситните пори. Наум Петрески, со својот препознатлив глас, ѝ дава нов живот – како молитва за земјата, но и како проштална порака до сакан пријател.

„…Немој да ме жалите, напијте се рујно вино…“ – стиховите одекнуваат не само како патриотска порака, туку и како човечка желба за достоинствен спомен, за живот што се слави, а не се оплакува.

„Македонијо во срце те носиме“, проект работен под капата на Скендеровски продукција, е повеќе од само убава музика – тој е културна мисија, која преку нови изведби на легендарни македонски песни го слави националниот идентитет и ја негува меморијата на генерациите. Публиката досега имаше можност да ги чуе: „Не кажувај либе добра ноќ” (Огнен Здравковски), „Како пиреј” (Ламбе Алабаковски), „Се собрале комитите” (Миле Кузмановски), „Како што е таа чаша” (Спасен Силјаноски) „Ја излези стара мајко”(Марија Спасовска), „По друм одам мајче“ (Мина Блажев), „Горда Македонка“ (Зуица Лазова), „Запејте сите ангели“ (Бојана Скендеровски), „Нека живеј Македонија (Сузана Спасовска) „Мајко силна“ (Александар Тарабунов) и „Каде сте Македончиња (Андријана Јаневска).

Scroll to Top