Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ (Kontext), годинава по седми пат ја доделува наградата за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“ (Антево слово), специјална награда на фестивалот, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
Меѓу учесниците, освен поети од Македонија имаше автори и од Англија, Албанија, Бугарија, Тунис и Кипар, а во поширокиот избор влегоа: Ристо Маџунков, Ана Бунтевска, Дарко Лешоски, Соња Карбева, Милчо Мисоски, Елизабета Дончевка-Лушин, Љубица Шопова, Јулијана Младеновска-Тешија, Елизабета Бандиловска, Маја Апостолова, Ирена Павлова Де Одорико и Марија Чокалова.
Жири комисијата во состав: Митко Гогов (претседател), Виолета Танчева-Златева, Драгана Евтимова, Жорж Поповски (членови) и Геро Ла Векија (надворешен соработник), по пристигнати стотина песни едногласно одлучија да ја доделат првата награда на Македонка Божиновска за песната „Криенка“.
1. Македонка Божиновска – „КРИЕНКА“
2. Милена Сиљаноска – „АКО ИМАМ УШТЕ ЕДЕН ЧАС СО ТЕБЕ“
Александра Спасеска – „ИМАЛО ДЕНОВИ“
3. Рекија Фебио (Италија) – „ЌЕ ЧЕКОРИШ“
Антева Темјана (псевдоним) – „ОРЕВОТ“
Млад автор:
Васја Мицковски – „ЗА ПЛАШЛИВИТЕ“
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во својата кратка, но ефектна песна „Криенка“ Македонка Божиновска ни ја открива целата филозофија на човекувањето. Симплифицирана во изразот, со само неколку слики од детството ни открива панорама на сеќавања, колективна носталгија, но и суштински светоглед кој ја одразува длабочината на авторското восприемање на реалноста.
Првата строфа е блескава слика на актуелната состојба на современиот човек, неговиот зазор од Другиот и обидот да се скрие во својата лушпа. Но дури и кога мисли дека нашол добар заслон, сепак сенката го издава и останува видлив и изложен во светот. Издигнувајќи се над другите во животот, освојувајќи високо место во хиерархијата на она што го нарекуваме успех, човекот сфаќа дека и покрај достигнатите височини, останува „најдолу од сите созданија“.
Стихови кои говорат за минливоста, за непостојноста, невидливоста и кревкоста на единката, преиспитувањето на индивидуална позиционираност во системот на животни вредности. И тоа е мигот кога човек би требало да сфати дека секој од нас е само капка во морето на животот и дека вистинскиот успех се мери со нешто друго – со загледувањето во себе и со победа над возгордеаноста и над потребата за издвојување. Само во дослух со своето божествено битие сме вистински заштитени од злините на светот и само од него можеме да црпиме сили за да ги надвиеме нив и да ги прифатиме различностите. А вистинското издигнување е можно само преку сознанието (росната капка), кое е способно да ни го исчисти и избистри духот за вистинско човекување, за слевање со сите созданија на светот.