Со концерт на оркестарот на Македонската филхармонија на 12 јули во 21 часот на сцената Античкиот театар ќе се отвори 65. издание на фестивалот “Охридско лето”. Како солистка ќе настапи американската пијанистка Клер Хуангчи, а диригент е Едвин Аутвотер од САД. На програмата се “Пајдушко” од Дамир Имери, симфониски танци од “Приказна од западната страна” од Леонард Бернштајн и “Рапсодија во сино” од Џорџ Гершвин.
Американската пијанистка Клер Хуангчи постојано ја одушевува публиката со нејзината „виртуозност, уметнички сензибилитет, чувство за интеракција и суптилна драматургија“ (Салцбуршки дневник). Нејзината постојана љубопитност за нов и невообичаен репертоар кој се протега од Бах и Скарлати преку германскиот и рускиот романтизам и делата на Ејми Бич и Барбер, само дополнително говорат за нејзиниот специфичен пристап кон музиката.
За Хуангчи оваа сезона е полна со возбудливи проекти. По нејзиниот успешен албум со концертите на Моцарт со оркестарот „Моцартеум“ од Салцбург следи соработка со издавачката куќа „Алфа класикс“ за која ќе снима ЦД со американска музика насловено „MADE IN USA“.
Нејзините оркестарски ангажмани ќе ја носат повторно во Франкфурт и Порто, на Исланд, а ќе дебитира со симфониските оркестри во Базел, Хановер, Бремен, Бохум и Милвоки. Има остварено настапи во некои од најпрестижните концертни сали во светот како „Карнеги Хол“, сцените во Хамбург, Париз, Минхен, Франкфурт, како и во салите на Берлинската филхармонија, и концертните сали во Виена и Салцбург.
Настапува на реномирани фестивали како што се оној во Луцерн и Рајнгау, Клавирскиот фестивал „Рур“, а од оркестрите со кои настапува како солист се издвојуваат: „Моцартеум“ од Салцбург, „Тонхале“ во Цирих, Минхенскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар во Базел, со диригентите како: Елим Чан, Михаел Франсис, Хауард Грифитс, Пиетари Инкинен, Јун Меркл, Корнелиус Мајстер, Сер Роџер Норингтон, Ева Оликаинен, Александар Шели и Марио Вензаго.
Клер е родена во Рочестер, Њујорк. На многу рана возраст започнува да учи пијано и во 1999 година е поканета да настапи во Белата куќа. Студирала со Гери Графман и Еленор Соколоф на Институтот „Куртис“, пред да се пресели во Хановер и да продолжи да студира со Ари Варди.
Нејзината кариера започнува да оди во нагорна линија откако освојува високи награди на натпреварите АРД во Минхен, на натпреварот „Геза Анда“ и гран-при на Академијата за свирење и диригирање во Париз. Оттогаш често се јавува во двојна улога – како солист и диригент.
Таа е амбасадор на издавачката куќа „Хенле“ и уметнички директор на серијата Камерни концерти во Ербах.
Едвин Аутвотер е еден од диригентите кои ги крши стандардните рамки на концертните доживувања и како куратор, продуцент е познат по неговиот динамичен пристап и крос-овер проекти во кои успешно ги спојува различните музички жанрови.
Работи со различни високопрофилни уметници од бендот „Металика“, преку Винтон Марсалис, Рене Флеминг, Јо-Јо Ма, а неговата креативна визија и можност лесно да навигира во различни музички правци го прават „еден од најиновативните диригенти на денешницата“.
Аутвотер е шеф диригент на Музичкиот конзерваториум во Сан Франциско каде раководи со ансамблите и е дел од револуционерните уметнички проекти на оваа образовна институција. Од 2024 година е назначен за постојан гостин диригент на Концертниот оркестар на Би-би-си, а во периодот од 2007 до 2017 година е музички директор на Симфонискиот оркестар „Китченер-Вотерлу“.
Неодамнешните настапи на овој диригент се со Њујоршката филхармонија, оркестрите во Кливленд, Чикаго и Филаделфија, како и со Кралската филхармонија во Лондон. Соработува со Дајана Рос, Бек, Треј Анастасио, Лесли Одом, Стинг, Ланг Ланг и др. Како советник на Националниот оркестар на САД за одбележувањето на 50-годишнината на Центарот „Кенеди“ ја дели сцената со Одра Мекдоналд, Кристијан Мекбрајд и Комон.
Дебитира на фестивалот „Би-би-си промс“ во 2022 година со Синтија Ериво, по што е редовен гостин на овој престижен музички настан. На меѓународната сцена настапува со оркестрите во Токио, Аделаида, Мексико и Брисел, како и со канадските оркестри во Торонто, Ванкувер, Калгари и др.
Од 2021 година тој ги диригира настапите со Стјуарт Копланд и неговиот проект Полис со оркестар, кој досега е реализиран со оркестрите во Сан Диего, Кливленд и Јута. Исто така тој е еден од идејните творци на проектот „Колтрејн – оставина за оркестар“ кој премиерно се изведе во Торонто во 2024 година и ќе има свои репризи со Концертниот оркестар на Би-би-си и Симфонискиот оркестар во Бостон.
Неговиот проект со Симфонискиот оркестар на Чикаго „Фантастична филхармонија“ се закитува со наградата „Греми“, а соработката со Кирк Хамет од „Металика“ на проектот „Портали“ само дополнително говори за неговата музичка љубопитност.