Мартина Баракоска е новиот тапанар на македонскиот бенд „Фанк шуи“. Прво беше дел од групата „Дупер“, од каде ѝ рекоа да си замине, а сега со новиот бенд пишува нова музичка приказна.
Свири тапани 10 години и не крие дека е среќна што сега ќе создава музика со Лука и Михаил, со кои се знае одамна. На нивните свирки одела уште кога била средношколка. Често ги гледала нивните настапи во живо и додека била член на „Дупер“, но во тоа време не ни помислувала дека еден ден ќе свири во „Фанк шуи“.
„Многу сум им благодарна на момците за големата поддршка. Мислам дека се најдовме на вистинско место во вистинско време. Првпат разговаравме за можноста да свирам во бендот пред крајот на 2021 година. Претходно заедно свиревме на ‘Чао 2020’ во МКЦ, еден новогодишен настан што помина супер, каде што не свирев тапани туку перкусии“, рече Мартина во разговорот за „Репортер“.
Тие веќе го имаа првиот официјален настап, и тоа на големата европска музичка конференција ESNS, што се одржа во Холандија.
„На сите ни значат позитивните реакции за нашиот прв заеднички настап што се случи на најголемиот европски фестивал во Гронинген. Требаше да летаме за Холандија, но поради ситуацијата со короната од фестивалот решија сите артисти да снимат 10-минутно видео и сите видеа беа пуштено онлајн на нивниот вебсајт“, вели Мартина.
Низ разговорот ни откри дека долго време се познава со момците од бендот, уште од времето кога свирела тапани во „Астероид“, нејзиниот средношколски бенд.
„Ги гледав ‘Фанк шуи’ од публика во ‘Хавана’. Им се радував многу. Сите се прекрасни луѓе, а истата радост ја чувствувам и сега што почнуваме да работиме заедно. Во тоа време свирев во ‘Астероид’ средношколскиот бенд кој го доби името по книгата ‘Малиот принц’. Со ‘Астероид’ прво свиревме преработки на песни, а подоцна снимивме и плоча со наша музика. Настапивме и на фестивалот ‘Т’к Так’ во Кавадарци, каде што ја освоив Гранд при наградата како најдобар тапанар. Иако сметам дека музиката не е натпревар, тој момент ми значеше многу и ме охрабри за во иднина“, рече Баракоска.
Мартина свири на тапани скоро 10 години. Вели љубовта кон инструментот е одраз на нејзината љубов кон музиката.
„Можам со сигурност да кажам дека љубовта расте секој ден, и за музиката и за тапаните, затоа што секој ден пробувам да научам нешто ново и да бидам подобра од вчера. Она што ме привлече кон инструментот беше енергијата и начинот на свирење, бидејќи е доста физички инструмент. Не потекнувам од музичко семејство, туку од семејство кое сака музика. Моите секогаш сакаат да си пуштат добра музика и секогаш биле тука за да ме поддржат во тоа што го правам.“, ни кажа таа.
Во разговорот се наметна и прашањето за нејзиното заминување од „Дупер“. Пред три години, кога имаа неколку големи хитови и беа еден од најпопуларните бендови во Македонија, во јавноста се дозна дека Борис и Илчо ја избркале Мартина од бендот.
„Јас не си заминав од ‘Дупер’. Но, од таа ситуација научив дека сите работи се случуваат со причина. Јас во тоа време, кога темата беше актуелна, излегов и го кажав моето мислење. Во последните три години имам направено многу работи коишто се битни бидејќи музиката за мене е љубов и професија, а во изминатиот период настојував да се надградам себеси и како човек и како музичар“, вели Мартина.
И покрај тоа, кога на радио ќе ја слушне „Не сум твој тип“ или некоја од песните што ги направија заедно, песните ѝ будат пријатни чувства.
„Се чувствувам убаво. Беше искрено направено и дадов многу љубов во тоа“, кажа Мартина, која во меѓувреме дипломираше на Факултетот за музичка уметност на насоката Популарни жанрови – удирачки инструменти. Ни кажа и дека свирела во џез трио, а свирела заедно и со Владимир Четкар, Драги Иванов, Дина Јашари, Сашко Костов, Љубојна, и други.
„Кога завршив факултет веќе бевме во карантин па почнав и да снимам видеа за социјалните мрежи. Ова ми го промени животот бидејќи се поврзав со многу луѓе од секаде на светот и почнав многу важни соработки и склучив спонзорски договори со светски компании кои премногу ми помогнаа. Лани го издадов соло албумот Weird Fishes и во подготовка сум на нов. Настапив и на Drum Festival во Шпанија каде што делев сцена со тапанари од кои со години сум учела. Имав чест да почнам соработка со Бранислав Николов (Пијан Славеј) и со тој бенд настапивме на OFF Fest, а брзо потоа снимивме и еден албум. Тука е и соработката со Љубојна со кои снимивме една песна за саундтрекот на филмот Стела. А што е следно со Фанк шуи? Албум и турнеја“, откри Мартина.
Андријана Јовановска