Денес, во близина на прилепското село Крушевица почна со снимањето на филмот „Врба” на режисерот Милчо Манчевски. Ова е прв филм што Манчевски го работи во Македонија по девет години. „Врба“ е негов шести долгометражен игран филм.
Филмот раскажува три испреплетени приказни за љубовта и довербата, едната од македонското средновековие, другите две современи. Главните улоги ги играат младите актери: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и искусната Камка Тоциновски. Во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други.
Снимањето ќе трае до првата половина на декември, а ќе се снима во мариовските села Штавица, Дуње и Зович, на манастирот Трескавец, во Преспанскиот регион и на локации низ Скопје. Филмот е во продукција на „Банана филм” и е македонско–унгарско–белгиска копродукција.
Манчевски е добитник на преку 40 меѓународни награди и признанија, меѓу кои и „Златен лав“ во Венеција, номинација за „Оскар“ и други. „Њујорк тајмс“ неговиот филм „Пред дождот“ го вброи меѓу најдобрите илјада филмови на сите времиња.