Во рамките на драмската програма на 65. издание на фестивалот „Охридско лето“, на 17 јули со почеток во 21:00 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде изведена претставата „12“, по мотиви од драмата „12 Angry Men“ од Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов.
„12“ е моќна приказна за група луѓе – дванаесет поротници – кои носат одлука за судбината на еден млад човек обвинет за убиство. Делото го истражува судирот меѓу предрасудите, моралот, правдата и човечката совест. Во затворена просторија, дванаесетмина од различни општествени слоеви, со различни погледи и ставови, се соочуваат меѓусебно, но и со самите себе, додека се обидуваат да донесат правична пресуда.
Иако на почетокот сите се убедени во вината на обвинетиот, еден поротник почнува да се сомнева во докажаното. Оттаму започнува интензивна и длабока дебата, низ која постепено се разголуваат личните уверувања, стереотипите и стравовите на секој од нив. Просторот на поротничката соба прераснува во микрокосмос на македонското општество, каде што се препознаваат пошироките општествени предрасуди и конфликти.
Претставата „12“ премиерно беше изведена во ноември 2024 година и оттогаш гостувала на повеќе фестивали во земјата и во странство. Освои повеќе значајни признанија, меѓу кои: награда за најдобра претстава, награда за најдобро уметничко остварување во целина, специјална награда за колективна игра, како и награда за најдобра епизодна машка улога за актерот Оливер Митковски.
Во претставата играат врвни актери, кои ја освоија и домашната и меѓународната публика: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува од 12 јули до 20 август 2025 година.