На американскиот Конгрес му значи приказната на Бритни Спирс, па ја покани јавно да ја раскаже

Бритни Спирс откри дека членови на американскиот Конгрес ја поканиле пред сите конгресмени да ја сподели својата приказна за тоа како успеала да добие правда и да се укине т.н. конзерваторски надзор, со кој татко ѝ Џејми повеќе од 10 години беше нејзин старател.

Бритни го објави писмото што ѝ го испратиле двајца на Конгресот во САД во кое ѝ честитаат за историската победа, откако таа и нејзиниот адвокат Метју Розенгарт минатиот ноември успешно го прекинаа 13-годишниот надзор над нејзиниот живот.

„Ти честитаме на историската победа. Твојата борба ја следевме одблизу, а сигурни сме дека твојот пат кон правдата ќе инспирира и ќе им даде сила на другите кои се неправедно замолчени во старателскиот процес. Затоа сакаме лично да те поканиме во Конгресот, во време кога ќе ни одговара на сите, за со свои зборови да раскажеш како дојде до правдата. Не се сомневаме дека на овој начин ќе им помогнеш на многу луѓе, а не само на милионите што се инспирирани од тебе и твојата уметност. Ти аплаудираме што започна инспиративна борба и тука сме да ти помогнеме на било кој начин“, стои, меѓу друугото, во писмото од Конгресот.

Бритни призна дека била поласкана во моментот кога го добила писмото од Вашингтон, но тогаш уште била во фаза на заздравување и не сакала да говори. Сега вели дека ќе им помогне на другите кои се во ранливи ситуации како нејзината за да се справат со животните предизвици и да бидат храбри.

„Иако бев поласкана, во тоа време не бев ни приближно во фаза на заздравување во која сум сега. Благодарна сум што мојата приказна е призната. Поради ова писмо, се чувствував слушната и како да сум важна за прв пат во мојот живот,“ напиша поп-ѕвездата на Инстаграм.

Откако Џејми Спирс се повлече од старателството над својата 40-годишна ќерка, Бритни сега повторно може сама да располага со своето богатство, а веднаш откако стана слободна, се сврши со својот долгогодишен дечко, фитнес тренерот Сем Асгари.

Scroll to Top