Модната инфлуенсерка Александра Шијакоска неодамна направи операција, каде успешно ѝ го отстранија туморот на главата. Таа ги извести своите следбеници дека операцијата поминала во најдобар ред.
„Само да ве известам дека операцијата помина во најдобар ред, закрепнувам полека, чекам уште некои резултати и испитувања. Не се грижете, најлошото е позади мене. Благодарност до сите кои помогнаа и се понудија да помогнат, никогаш нема да заборавам – ни јас, ни Господ“, напиша таа на Инстаграм.
„Тука сум осум дена, првите неколку не личев на себе. Лицето ми беше искривено, говорот сменет, беспомошна бев. Чекав малку да се опоравам за да ве известам. Дефинитивно, најтешката животна лекција која не му ја посакувам на никој, да си свесен дека утре може нема да го дочекаш денот. Јас сум убедена дека сѐ се случува со причина. Мене животот ми даде уште една шанса да живеам и да се разбудам со сѐ функционално после операцијата. Ќе ја оправдам таа шанса. Не го земајте животот здраво за готово, во еден момент може да ви се смени цел тек на настаните“, вели таа.
За потсетување, Шијакоска минатиот месец ја извести јавноста дека ѝ откриле тумор на главата и дека поради нејзината здравствена состојба нема да биде присутна на социјалните мрежи каде има нешто повеќе од 50 илјади следбеници.
„Сѐ се случува со причина и никогаш не треба да се сомневате во одлуките и изборите кои ги направил Господ за вас. Дури ни во најлошите кошмари, никогаш не замислував дека еве ќе дојде до оваа точка, но. Ми открија тумор на главата и ме чека операција, која е покомплексна во однос на тоа каде е поставен туморот и колку е тешко да се извади. Дали се плашам? Не. Дали ми е тешко? Многу“, раскажа тогаш таа во своето обраќање на Инстаграм.