„Направете албум со спомени“ – Александар Белов за деновите во изолација

Александар Белов, пејачот што се прослави со шоуто „Операција триумф“, е во изолација во Крагуевац, каде што живее веќе неколку години. Вели дека деновиве најмногу му недостигаат настапите и дружењето со пријателите. Многу време минува на социјалните мрежи, па оттаму добил идеја што ќе ја оствари веднаш штом ќе заврши кризата со коронавирусот.

„Знам дека повеќето од нас имаат социјални мрежи, а со оглед на тоа какво време дојде, не знаеме дали утре ќе постојат ‘Фејсбук’ и ‘Инстаграм’. Затоа можеби како идеја ќе ви се допадне да ги сочувате сите интересни фотографии или објави што ви се допаѓаат, а сте ги постирале во изминативе години, дали вие или вашите пријатели. Сите тие ставете ги на у-ес-бе и кога ќе заврши оваа вонредна ситуација, отидете во фотостудио, развијте ги, купете си убав албум за фотографии и направете си книга со спомени. Во нормални услови никогаш немаме време за нешто вакво. Јас ова веќе го почнав, затоа ви го предлагам и вам“, ни рече Александар.

Тој пред изолацијата бил постојано активен, па сега седењето дома му паѓа тешко. И покрај тоа, вели, нашол начин да се забавува, а за „Репортер“ раскажа што прави во слободното време, кое сега го има во изобилие.

„Знам дека повеќето од вас веќе ги препакуваа сите фиоки, плакари и средија сè што може да се среди по дома, а време има на претек. Мене времето ми поминува во слушање музика, играње Плејстејшн со сопругата Јелена, гледаме филмови, гледаме вести и пресконференции“, рече Белов.

А. Јовановска

Scroll to Top