Новиот албум на Владимир Четкар издаден во Јужна Кореја

Деновиве во Јужна Кореја во продажба се најде третиот студиски албум на џез-музичарот Владимир Четкар, Going Home. Албумот го издаде музичката куќа C&L music.

Ова е вторпат музиката на Четкар да биде издадена во Јужна Кореја. Пред неколку години нашиот џез-музичар настапи и на престижниот фестивал „Јарасум џез-фестивал“, каде што одржа еден од најуспешните концерти во својата кариера, пред околу 15.000 публика.

„Никаде не ме дочекале вака. Сум настапувал на убави фестивали, на ‘Сигет’ во Будимпешта, во Лондон сум имал концерти двапати, во Италија, а и во Америка сум настапувал буквално насекаде, и на фестивали и во култни клубови што биле прогласени за најдобри според магазинот Rolling Stone … Но хемија каква што имав со азиската публика, која далеку ги надминува границите на џез-музичар и почнуваш да се чувствуваш како поп-ѕвезда, во таков амбиент, досега не сум го доживеал тоа“, рече неодамна Четкар за „Репортер“.

Претходно во март 2019 година албумот Going Home беше издаден во Јапонија, а се продава и во една од најголемите музички продавници, Tower Records Japan.

Scroll to Top