Светската премиера на новиот филм на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“, ќе биде на најголемиот филмски фестивал во Латинска Америка, фестивалот во Сао Пауло, Бразил. „Бикини Мун“ е петтиот игран филм на Милчо Манчевски и ќе биде прикажан во програмата за специјални презентации.
Филмот е снимен во Њујорк и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Ова е првиот филм на Манчевски во кој не учествува Македонија.
Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.
Во главната улога настапува Кондола Рашад, а во останатите улоги настапуваат Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.