Во тек се Зимските олимписки игри, ама, наместо за резултатите, се зборува за скандали и престрелки меѓу нашите спортисти. Поранешниот олимпиец Антонио Ристевски, а сега тренер на алпскиот скијач Дардан Дехари, е во Пекинг, каде што токму Дехари требаше да настапи на трките во слалом и велеслалом, но поради повреда на предните вкрстени лигаменти, мораше да се откаже од трките.
Ристевски е обвинет од првиот човек на Скијачката федерација на Македонија, Огњан Циговски, и бара оправдание од него зошто не се појавил на работа токму во матичната Федерација. Целото соопштение на Ристевски.
„Повод за ова мое емотивно обраќање од ЗОИ во Пекинг е големото лично разочарување што македонскиот спорт повторно губи од кусогледи епизодисти залутани во спортските федерации. Затоа, однапред ѝ се извинувам на јавноста што сум принуден ова да го сторам среде ЗОИ. Наместо „спортот на спортистите“, испадна „спортистите аут од спортот“.
Јас како најдобриот македонски алпски скијач и олимпиец на сите времиња, со кариера повеќе од 20 години, доживеав да се правдам поради тоа што сум тренер на најдобрите македонски алпски скијачи, кои оваа сезона покажаа одлични резултати поради кои заедно допатувавме во Пекинг. Замислете, целата јавност знае дека сме на ЗОИ, само г. Огњан Циговски не знае! Го пишувам ова јавно бидејќи сум огорчен. 11 месеци трпам тортура, а надлежните државни институции се неми за нечие самоволие. Целиот овој период и живеев со целиот тој стрес секој ден во интерес на македонските скијачи и македонскиот спорт, пред сѐ, поради олимписките квалификации и Олимписките игри во Пекинг 2022. Целата оваа фарса против мене, мојот клуб и мојата должност како главен тренер на алпските репрезентации во Скијачката федерација и најдобрите македонски алпски скијачи е јасна, сакаат да ме отстранат од спортот. Едноставно, мојот спортски габарит е преголем за нечија неспособност и малодушност. Ама и тоа не е проблем, јас на оваа позиција дојдов со искуство, резултат, способност и знаење, а не како некои што сега се замислуваат дека се спортска власт и одлучуваат за спортските судбини. Јас имам каде да одам и што да правам во овој спорт, ама вие г. Циговски ќе останете сам во таа Федерација. Можеби тоа и е вашата цел. Како што сте тргнале, ќе бидете запаметени како гробари на македонското спортско скијање. Па да ви кажам, јас бев и сум на ЗОИ во Пекинг заедно со Дардан, каде што гордо и достоинствено ја претставуваме нашата држава. Ние ќе бидеме светлата страна на историјата. Тоа не може да го избришете со имејлови, закани, препорачани писма, забрани за тренинг на ‘вашето Маврово“’… можеби можете да ме избркате од работа, но спортската душа никогаш нема да ми ја одземете“, напиша Ристевски.