Дебитанскиот игран филм на режисерот и сценаристот Горан Станковиќ, снимен во копродукција со Македонската филмска продукција Дрим Фектори (Огнен Антов, Стојан Вујичиќ), ќе ја има својата светска премиера во програмата Discovery, на Интернационалниот Филмски Фестивал од А класа Торонто кој се одржува од 4 до 14 септември.
„Отецот наш“ ја следи приказната за Дејан, зависник од дрога кој доаѓа во еден манастирски комплекс во оддалечен дел на Србија за да се лекува од својата зависност. Таму, тој е подготвен да биде под будното око на отец Бранко, харизматичен и строг свештеник чии методи на „излекување“ стануваат се поекстремни.
„Филмот ја истражува тенката линија помеѓу дисциплина и насилство, помеѓу духовно водство и авторитарна контрола. Она што започнува како систем за поддршка на крај ќе се претвори во затворен систем кој ја оправдува репресијата во името на промената.“, објаснува режисерот Станковиќ.
Во филмот играат Бранко Исаковиќ, Вучиќ Перовиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ и други.
Продуцент на филмот е Снежана ван Хаулинген, а продукциските куќи се This and That Productions (Србија), во копродукција со Македонија (Dream Factory), Италија (Nightswim), Хрватска (PomPom Film), Црна Гора (KINO) и Босна и Херцеговина (Novi Film).
“Регионалната соработка е од клучно значење за нашите земји да можат да реализираат големи филмски проекти кои ќе бидат забележани и избрани на елитни фестивали како Торонто. Навистина голема привилегија е што нашиот филм ќе ја доживее својата светска премиера во програмата Discovery на Торонто Филмскиот Фестивал (TIFF) — платформа со светски реноме што отсекогаш ги открива и промовира најталентираните нови филмски автори“, изјавија македонските копродуценти Огнен Антов и Стојан Вујичиќ (Dream Factory Macedonia) поврзано со светската премиера, додавајќи: „успеавме да собереме голем број македонски креативци кои активно учествуваа во обликувањето на проектот како Тони Михајловски, Игор Поповски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и др.“.
Ова е долгометражниот деби на режисерот Горан Станковиќ, кој претходно се здоби со признание во регионот како ко-сценарист и режисер на ТВ сериите „Операција Сабја“ и „Утрото менува сè“.
Филмот „Отецот наш“ е поддржан од Филмскиот центар на Србија, Министерството за култура на Република Србија, Агенцијата за филм на Р.Македонија, Министерството за култура и туризам на Италија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Филмскиот центар на Црна Гора, Сараевскиот филмски фонд, Креативна Европа – МЕДИА програмата и RE-ACT фондот.
Торонто Меѓународниот Филмски Фестивал е еден од најголемите и најпосетуваните фестивали во светот, а неговите добитници директно се квалификуваат за номинации за BAFTA и Оскар.
Фестивалската програма се објавува постепено, а целосната програма ќе биде објавен до 12 август. Јубилејното 50. издание ќе се одржи од 4 до 14 септември