Инсталација е поставена во центарот на Скопје на малиот сквер кај Ким во порта Буњаковец, која има за цел да прати силна визуелна порака. Инспирирана од симболиката на отровните стрели, инсталацијата го прикажува говорот на омраза како невидливо, но моќно оружје што повредува.
Идејата на оваа акција е да нè потсети дека и зборовите можат да бидат опасни. Во центарот на инсталацијата е поставено човечко лице со широко отворена уста, од која излегуваат „отровни“ стрели — симболична претстава на зборовите што креаторите на говор на омраза ги користат за да навредат, повредат или омаловажат. Со димензии 1,4 х 1,2 метри и изработена од рециклирани метални материјали (лим, профили, арматури), оваа скулптурна композиција привлекува внимание со својата впечатлива форма и силна симболика.
На подножјето стои јасна порака: „Говорот на омраза повредува“ — повик до сите нас да размислиме за последиците од нашите зборови, особено во време кога комуникацијата сè почесто се одвива во дигиталниот простор, а говорот на омраза станува сè поголем општествен проблем.
Оваа уметничка интервенција има за цел да ја подигне јавната свест за штетните ефекти на говорот на омраза и да поттикне општествена одговорност, емпатија и почит кон другите.
Оваа акција е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје.