Со настап на охриѓанецот Пајак в недела навечер, ќе почне музичката програма на годинашниот Вевчански карневал. По него ќе настапи бендот „Ареа“, а вечерта, како специјален гостин од регионот, ќе ја заокружи бендот „Забрањено пушење“. На 13 јануари најавени се настапи на „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот со зурли и тапани од Вевчани, а околу полноќ Перо Бели и Коки.
Организаторите велат дека внимавале во музичката понуда да има музика за сечиј вкус и содржински и музички и генерациски.
Градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочоски денес ги повика сите оние кои сакаат забава и ја почитуваат традицијата на 13 и 14 јануари да дојдат во Вевчани. Најави дека карневалот како на филмска лента ќе ги покаже настаните од општествено -политичкиот живот изминатава година во земјава, кај соседите и во Европа.
„Пред се во овие два дена Вевчани ви нуди многу забава. Ќе бидете растоварени од се она што се случувало и ќе влезете во новата година испразнети од онаа негативна енергија. Тие настани кои се случуваат во Вевчани ќе ги проследите како на филмска лента, се она што се случило минатите 12 месеци со желба дека ќе влеземе во една подобра и многу попросперитетна година. Ве поканувам сите да бидете присутни во овие два карневалски дена во Вевчани, на 13 и на 14 јануари. Ви посакувам многу забава и чиста мисла. Вевчанскиот карневал или го сакате или го мразите, нема средина. Сите што дошле тука или се враќаат или не се враќаат, тоа е факт. Ако влезете со чиста мисла и за забава јас мислам дека ќе поминете прекрасни два дена“, повика градоначалникот Кочоски.
Тој потсети дека маските со кои на сатиричен начин ќе бидат прикажани настаните од изминатата година се тајна и за него и оти изборот го прават самите учесници. Очекуваат многу гости од земјава но и од странство.
Министерот за култура, Зоран Љутков, рече дека Вевчанскиот карневал и покрај предизвиците кои ги имаше и недостигот на континуирана поддршка во изминатите години, сепак опстојува како симбол на нашата култура и на нашата традиција. Рече дека годинава Вевчанскиот карневал ќе добие пари од Министерството за култура, но не кажа колку оти комисијата се уште работи и не ја донела конечната одлука која се очекува во следните 15-20 денови.