Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, се врати 48 часа порано од одморот и самиот почна со тренинзите во тимот на Џенова. Напаѓачот го скрати својот одмор, а првиот тренинг го имаше во спортскиот центар Пио-Сињори. Неговите соиграчи му се приклучија два дена подоцна.
36-годишниот напаѓач не сакал да губи време и во новата година сака да ја подобри лошата форма на екипата, која сврза неколку порази во низа. Џенова се наоѓа на последното место на табелата.
Тоа беше доволен мотив за Пандев да го искористи празничниот период и целосно да им се посвети на тренинзите. Во досега одиграните 14 натпревари тој постигна три гола, меѓу кои убавиот погодок против Лече, кој беше кандидат за најубав погодок во месец декември.
Првиот предизвик за Пандев и неговите соиграчи во Џенова ќе се случи на 5 јануари, кога неговиот тим ќе го пречека Сасуоло.