Македонски бенд „Меморија“ на 11 јуни ќе одржи голем концерт во Скопје, на стадионот на АРМ. Ова ќе биде прв концерт на култниот поп-рок бенд по пет години пауза, откако пееја во Скопје во 2017 година. Дека ќе свират пак заедно, членовите на бендот објавија на Фејсбук.
„Бидна и првата проба, сите на куп, една фотка и после свирка. По пет години несвирење, не сме заборавиле многу. ‘Меморија’ цела да е, секој да ја знае, се гледаме на 11 јуни на стадионот на АРМ“, велат од бендот.
За потсетување, „Меморија“ последниот концерт го одржа во ноември 2017 година во Метрополис арената за да одбележат 25 години од нивниот последен заеднички настап. Бендот тогаш настапи во оригиналниот состав, Перо Камиказа, Поце Икономов, Валентино Скендеровски, Димитар Божиков, Бане Поповиќ и Сашо Ангелов и направија вистинска ноќ за паметење, а публиката неколку пати ги врати на бис и не сакаше да ги пушти да си заминат од сцената.