Полицијата на Лос Анџелес потврди дека телото пронајдено во плиткиот гроб во Јужна Калифорнија ѝ припаѓа на Адеа Шабани. Тие ја идентификувале младата актерка преку нејзините тетоважи. Првичните резултати од аутопсијата откриле дека Шабани се здобила со удар во главата со тап предмет. На телото на Адеа немало видливи повреди. Таа, според првичниот извештај, била мртва повеќе од еден месец. Точната причина за смртта ќе се знае дури откако ќе се добијат резултатите од токсиколошките испитувања и од анализата на ткивото, пренесоа американските медиуми.
Капетанот Били Хејес на вчерашната прес-конференција рекол дека смртта на Адеа Шабани настанала од удар во главата. Тој додал дека единствен осомничен е Кристофер Споц, кој се самоубил минатиот викенд, си пукал во главата бегајќи од полицијата. Мотивот за убиството на Адеа не е познат.

Капетан Хејес открил и нови детали од полициската истрага поврзани со Споц. Кога бил првпат испрашуван од полицијата, Споц признал дека на 23 февруари заминал со Адеа кон Сакраменто. Рекол дека се скарале, па дека ја оставил сама на патот, во близина на Санта Кларита. Потоа, веќе не ја видел. Наместо кон Сакраменто, отишол кон Колорадо да се види со свршеницата.
Адеа била последен пат видена жива на 23 февруари. Телото на Адеа е пронајдено на 26 март. Полицијата ја продолжува истрагата за убиството на македонската актерка.