Смртта на познатиот угостител и некогашен член на култните „Хавана бенд“, Сашо Пижевски – Пиже, ги најде затечени неговите пријатели, колеги, музичари, актери, луѓето од јавниот живот. Пиже почина ненадејно вчера, на 57 години. Прв од него се прости неговиот другар Игор Џамбазов, кој со Пиже и Зеко членуваше во „Хавана бенд“ и заедно ги испеаја „Шток ми бејби“, „Дај ми, жити сè“, „Нема спас“ и други.
Со многу емоции за Пиже пишуваат и луѓето со кои тој дружеше и соработуваше низ годините. Велат, откако пред неколку години замина Зеко, а сега и тој, журката горе е многу појака.
Пиже беше еден од главните творци на ноќниот и забавен живот во Скопје од крајот на 80-тите години до денес. По распаѓањето на „Хавана бенд“, се посвети на угостителскиот бизнис, а повремено, како гостин, учествуваше во неколку музички проекти.