„Преспав“ ја освои Бугарија и е меѓу најгледаните серии таму, откри продуцентот Пеце Талески

Македонската хумористична серија „Преспав“ е една од најгледаните во Бугарија, откри продуцентот Пеце Талески. Популарната серија од 2019 година се прикажува на бугарската телевизија bTV Comedy, единствениот канал во земјата што 24 часа емитува комична и забавна програма.

„’Преспав’ е меѓу најгледаните серии во Бугарија. На приказната работат македонски сценаристи и двајца одлични пишувачи од Бугарија, кои се реномирани и во европски рамки, а од оваа сезона ќе ни се приклучат и двајца сценаристи од Србија“, рече Талески во разговорот за „Утрински брифинг“ и додаде дека сценариото за новата сезона е најдобро до сега.

Неодамна од ОХО продукција најавија дека наскоро ќе почне да се снима шестата сезона на „Преспав“, а Коста, Ула, Миле, Јелена, Марио, Талат, Тони, Исаура, инспектор Томе – ќе се вратат во новите епизоди од омилената хумористична серија. Во меѓувреме тие ги репризираат најзабавните видеа од петтата сезона како најава за новите епизоди.

Сите сезони на серијата се достапни на каналот на „Преспав“ на „Јутјуб“.

„Преспав“ помина на референдум, изгласана шеста сезона и почнува снимањето

Scroll to Top