Пејачката Лара Иванова на „Златната бубамара на популарноста“ ја доби наградата за најперспективна пејачка. Оваа награда и значи премногу, затоа што е потврда за досегашниот вложен труд во музиката, но и мотив да работи уште повеќе и да ја надградува нејзината музичка кариера, открива Лара за Репортер.
Таа е средношколка во средното балетско училиште, а јавноста ја запозна во 2021 година кога настапи на „Макфест“ и ја освои наградата за интерпретација за песната „Душа“. Брзо стана миленик на тинејџерската популација, а уште повеќе по хитот „Бела“ кој го отпеа заедно со Пајак на минатогодишниот „Макфест“. Песната стана голем хит не само кај нас, туку и во регионот. Се споделуваше на социјалните мрежи низ цел Балкан. Па дури и оние кои не го познаваат македонскиот јазик, ги натера да го научат и да ја пеат „Бела“ во видеа на Инстаграм и Тик ток.
„„Бела“ е дефинитивно песната која ни донесе најголен успех и мене и на Пајак. Најмногу се радувам што песна на македонски јазик влезе на трендинг низ целиот Балкан и достигна толкава слушаност. Благодарна сум и бескрајно ми значи целата поддршка што ја добивме и што ја добиваме од публиката, медиумите, артистите и сите колеги од шоу бизнисот“, рече Лара за Репортер.
Популарноста на оваа песна и донесе и почести настапи иако не почнала континуирано да настапува по дикотеки и клубови.
„После оваа соработка со Пајак, често сум гостин и на неговите настапи во клубовите и дискотеките низ Македонија“, раскажа Иванова.
Таа на 15 години првпат настапи на Макфест. Од тогаш до денес, вели дека е позрела, но е истата онаа Лара со истите желби и амбиции. Нејзиниот музички правец е поп-музиката по кој продолжува да се движи и кој го зацртала уште на почетокот.
Социјалните мрежи се дел од нејзиното секојдневие постојано е активна за да биде во тек со сите нови настани и случувања.
„На социјалните медиуми следам сѐ она што е актуелно од светот на модата, музиката, спортот, односно културата воопшто. Секогаш внимавам што објавувам на социјалните мрежи, затоа што сум свесна дека сум јавна личност, па сето тоа гледам да биде во склоп со мојата професија. Соодветно на мојата возраст, да се претставам реално онаква каква што сум и да оставам позитивен впечаток кај оние кои ме следат“, вели Лара.
Предизвик и се настапите во живо, ја сака сцената без разлика дали е мала или голема, домашна или светска. Првиот пејач кој ја покани да биде дел од негов настап беше Владо Јаневски. А неодамна со Каролина Гочева заедно ја отпеаа нејзината песна „Некогаш ќе помине“.
„Досега направив неколку соработки, па моментално работам на соло проекти, но тоа не значи дека нема да има нови соработки во иднина“, рече Лара.
Од помладите колеги во никого не гледа конкуренција, „сите меѓусебно треба да се поддржуваме, затоа што секој има различна визија и цел за тоа што сака да го постигне“, и вели колегијално знаат да се поддржат.
„Има дел од колегите кои ми се јавуваат, но почести се оние кои ми честитаат преку порака или споделување на социјалните мрежи. Каква и да е поддршката, мене многу ми значи“, рече Лара.
За изгледот вели се погрижила нејзината мајка природа, но и задолжителните вежби на часовите по балет каде е и ученичка, во средното балетско училиште, „па тоа е дури и повеќе од доволно за да се одржувам да бидам фит“, вели Лара.
Неодамна таа се врати од средношколска екскуризија, каде посети неколку градови. Тешко е да одвои кој град ја воодушевил, но сепак Виена е градот на кој повторно би му се вратила.
„Си поминав поубаво од било кога. Среќна сум што имав прилика да прошетам со моите соученици и професори и да посетам градови како Будимпешта, Прага, Дрезден и Виена“, раскажа Лара, и сега засега Скопје не би го заменила со некој друг град за живеење „секогаш ќе ми биде најубаво тука“, вели таа.
Слободното време го користи да биде со нејзините најблиски, да си посвети внимание на себе си, да изгледа филм, да слика, да прочита книга.
Како девојка во тинејџерски години и со оглед на тоа што е јавна личност, обрнува внимание на нејзиниот изглед, но не сака да претерува со шминка, само доколку е некој посебен настап. Не практикува да нанесува многу шминка секојдневно.
Помеѓу високите потпетици или патики, Лара одбира патики.
Репортер: Фејсбук или Инстаграм?
Лара: Инстаграм
Репортер: Книга или филм?
Лара: Филм
Репортер: Тетар или кино?
Лара: Кино
Репортер: Велосипед или тротинет?
Лара: Велосипед
Репортер: Кафе или чај?
Лара: Чај
Репортер: Зима или лето?
Лара: Лето
Габриела Додевска