„Сега љубовта и смеата се во дневната соба“, -Анастасија Петреска за деновите во изолација

Ќерката на Наум Петрески, фолк-пејачката Анастасија, и нејзиниот сопруг, Владимир Поповски, пејачот на групата „Биоритам“, велат дека деновиве се постојано дома, заедно со нивната едногодишна ќерка Андреа. Тоа што не излегуваат, не им паѓа тешко, особено што периодот околу новогодишните празници бил напорен за двајцата пејачи, па сега имаат време ем за ќерката, ем убаво да се одморат.

„Во време кога целото човештво е клекнато на колена и кога секој ден слушаме лоши вести од сите четири страни, ние како семејство, ги почитуваме препораките од здравствените работници и деновите ги поминуваме заедно, помеѓу ѕидовите на нашиот дом. Заклучивме дека одговорноста овој пат е пресудна, а подоброто утре зависи од совеста на секој граѓанин, со тоа што ќе остане дома. Излегувам главно јас за да ги набавам неопходните намирници и се враќам право дома“, рече Владимир за „Репортер“.

Тој додава дека изолацијата е тешка, но во исто време е добра, за сите луѓе да се посветат на своите семејства.

„По напорните новогодишни празници, кога и јас и Анастасија имавме пребукиран календар и секојдневни настапи, сега имаме време да се посветивме еден на друг и на секојдневните игри со нашата ќерка. Андреа е сè уште мала и друштвените игри не се интересни за неа, па сè се сведува на импровизација. Ама, среќата, љубовта и смеата се големи во нашата дневна соба, и тоа токму заради палавоста и детската радозналост на Андреа“, вели Владимир.

А. Јовановска

Scroll to Top