Сега веќе нема да ми даваш голови, му рече Буфон на Пандев на првиот тренинг во Парма

Најдобриот македонски фудбалер, Горан Пандев пред два дена потпиша за италијанскиот клуб Парма, каде брани и голманот Џанлуиџи Буфон. Двајцата се видоа на првиот заеднички тренинг, а Пандев рече дека му било задоволство што ќе игра покрај светскиот голман.

„Знаеме што значи тој за светскиот фудбал и што сè направи во неговата кариера. Кога се видовме на првиот тренинг веднаш ми рече: Конечно сме во иста екипа, сега нема повеќе да ми даваш голови, рече Пандев за „Видеолотарија Касинос Австрија“.

Парма од минатата сезона игра во Серија Б и во моментов се наоѓа на 12. место, со осум бода помалку од осмото место, кое води во плеј-офот.

„Сè се случи набрзина и желбата да играм и да бидам протагонист, кој ќе придонесе за остварување на амбициите на клубот ме натера на оваа одлука. Се надевам дека ќе биде добро во Парма и дека ќе ги оствариме целите на клубот, а тоа е влегување во плејофот. Потоа ќе размислуваме за враќање во Серија А, бидејќи клуб како Парма припаѓа токму таму – во Серија А“, рече Пандев.

Тој со Парма потпиша договор до крајот на оваа сезона и потврди дека потоа планира да се пензионира.

„Не се менуваат моите планови за завршување на кариерата. Тоа останува исто, на крајот на сезонава ќе ставам крај на активното играње“, рече Пандев.

За потсетување Парма е седми клуб од Италија во кариерата на Македонецот. Претходно играше за Интер, Специја, Анкона, Лацио, Наполи и Џенова.

 

Scroll to Top