Семејството и пријателите со емотивно видео го одбележаа роденденот на Горан Стефановски

На денешен ден, пред 68 години, во Битола е роден писателот Горан Стефановски. И иако денес во Дебар маало требаше да се постави клупа со неговата биста за да се одбележи роденденот на починатиот драматург, заради пандемијата со коронавирусот, прославата беше одложена. Но, семејството, пријателите и соработниците не го заборавија, туку снимија видео во кое говорат за големината на Стефановски и значењето во македонската литература и драмска уметност.

Емотивните пораки на неговиот брат, гитаристот Влатко Стефановски, но и на режисерот Слободан Унковски, драматургот Дејан Дуковски и актерите Благоја Чоревски и Јовица Михајловски, ги доловуваат духот и харизмата на Горан. Во видеото е вклучен и монолог од неговата драма „Огнени јазици“, а во изведба на актерот Драган Спасов – Дац.

Стефановски почина на 27 ноември 2018 година во Кентербери, Англија. Автор е на триесетина драмски текстови, меѓу кои: „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“… Беше и дел од тимот што ја создаде легендарната ТВ-серија „Бушава азбука“.

Стефановски беше професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди и признанија.

Scroll to Top