Во вторник, 15 август, во Охрид се отвора несекојдневна изложба на фотографии со наслов „Шшшш… Гола сум!“ на Марина Трајковска. Настанот започнува во 20 часот во „Објектив бар“.
Изложбата е од отворен карактер, а гостите ќе ги забавува диџеј Насти Делукс, кој има интернационална кариера. Ова е прва самостојна изложба на Трајковска која се занимава со филм и фотографија повеќе од пет години.
„Женското голо тело многупати е и злоупотребувано, ‘продавано’ за ситни пари. Овие слики зборуваат за она што се молчи, зборуваат за несовршеноста на совршената креација, за онаа невидлива енергија која е материјализирана во едно тело. Голото тело не е порнографија, тоа е најчистата форма, ова е најсуптилно заведување“, објаснува Трајковска. Таа е апсолвент на ФДУ во Скопје, отсек театарска и филмска драматургија. Неколку години ги потпишува и бекстејџ-видеата на Модниот викенд – Скопје.