Манифестацијата „Штипска Пастрмалијада“ годинава ќе се одржи од 15 до 17 септември на потегот од Градскиот стадион до кружениот тек „Дујле“ во Штип.
Организаторите денеска на прес-конференција најавија настап на познати македонски и странски интерпретатори, а очекуваат и околу 180 илјади гости.
– Во текот на трите вечери гостите на „Штипската Пастрмалијада“ ќе ги забавуваат познати македонски и странски интерпретатори. Ќе настапат Сузана Спасовска, Јелена Розга, Галија, Дивље Јагоде, Лепа Брена, Тања Савиќ, Есма бенд и бугарскиот бенд Кикимора, информира портпаролот на општина Штип, Драган Ристов.
Советникот за културни дејности во општината, Кирил Панајотов, истакна дека очекуваат посетеност од околу 180.000 гости од земјата и странство.
– Проценка е дека ќе има по 50-60.000 луѓе на вечер со оглед на тоа дека веќе имаме најави од соседните држави, рече Панајотов.
Штипската пастрамалија ќе се продава на 30-тина штандови, а ќе чини 120 денари. Таа се приготвува по унифициран рецепт, односно 200 грама тесто и 150 грама месо.
– Секоја година се става посебен акцент на пропозициите, односно на грамажата и квалитетот. Цените се унифицирани и за пијалакот и за пастрмалиите, рече угостителот Емил Попадинов.
Општина Штип во координација со полицијата ќе организира промена на сообраќајот и доволен број паркинг места.