Зоран Спасов Ѕоф минатиот месец ја промовираше книгата „Торонто експрес – Тибам штркот апдејт“, која е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина-публикации“. Во неа авторот раскажува за македонските иселеници кои живеат во Канада. Тој во интервју за МИА раскажа за мотивите на книгата и за успехот со кој се стекна таа.
„Јас ни на сон не очекував толкави тиражи ниту, пак, толку лични пораки и мејлови. Сметам дека успехот се должи на лесниот начин на пишување, надополнет со многу скриени пораки меѓу редовите“, вели тој.
Мотивите прикажани во книгата, беа доволна инспирација да се создаде и истоимена претства во режија на Јордан Симонов и актерот Александар Микиќ, која редовно се одржува во просториите на Македонски народен театар (МНТ).
Неодамна се одржа промоција на вашата книга „Торонто експрес“, која претставува „апдејт“ на збирката есеи „Тибам штркот“. За каков „апдејт“ станува збор, што е она што е дополнето во новото издание?
„Книгата е „дотерана” и апдејтирана. За овие 12 години некои работи се сменија, и тука и таму. Сега има тресетина страници повеќе, некоја илустрација плус и, што е најважно, сугерирачки крај.“
Како што во една пригода посочивте, книгата „Тибам штркот“ е еден вид литерарен прирачник за заминување, но и за враќање од Канада. Од каде ви е инспирацијата за книгата, дали станува збор за вистински настани?
„Книжулето е автобиографско, што значи дека сите настани се вистинити, освен што некои имиња се заменети поради приватноста на личностите. Не би рекол дека е прирачник, туку повеќе ја гледам како канадска авантура видена со македонски очи.“
Што е она што треба да го разберат или да го научат читателите од „Торонто експрес“? Постои ли некоја порака од вас до сите оние што ќе одвојат време да ја прочитат?
„Порака постои, но е скриена. Едноставно, може да се случи двапати да ја прочитате и различно да ја доживеете. Тоа беше и целта при пишувањето.“
Во Македонскиот народен театар се одржува новата театарска претстава „Торонто експрес“. Како се роди идејата приказната да се долови и на театар? Какви сличности имаат книгата и претставата, со оглед на тоа што неодамна потврдивте дека не се идентични?
„Идејата потекна од самиот МНТ. Препознале текст погоден за поставување, аплицирале во Министерството за култура и добиле зелено светло… на мое огромно изненадување. Подоцна кога работевме на драматургијата, внесовме нов главен лик, нови настани, нов крај, така што и покрај тоа што имаат ист наслов, двете дела се доволно различни за книгата да се прочита, а претставата, дефинитивно, мора да се гледа.“
Автор сте и на книгата „Тито, мојот претпоследен херој“. За што станува збор во книгата, што може да очекуваат читателите од оваа книга?
„Книгата е еден прекрасен спој на фикција и вистински настани испреплетени со две дополнителни нарации. Дејството се одвива во 1979 и 1980 година и всушност претставува исповед на Јосип Броз Тито на смртната постела. Раскажува за Македонија, за сите негови љубови, успеси, покајанија… и сето тоа му го пренесува на младиот доктор од Македонија – Филип Ристовски.“
Некои планови за во иднина што би можеле да ги споделите со нас? Има ли во најава некоја нова книга?
„Има… и најзаслужни за тоа се читателите. Јас ни на сон не очекував толкави тиражи ниту, пак, толку лични пораки и мејлови. Мислам дека успехот се должи на лесниот начин на пишување, надополнет со многу скриени пораки меѓу редовите. Новата книга се „крчка” и ќе биде на полиците кон средината на 2022 година. Исто така и новата драма, која, здравје, би била круна на мојата кариера.“
Бисера Трајковска