Еден од најдобрите македонски продуценти, Дарко Димитров, ќе биде член на жирито и музички тренер во новото регионално шоу за таленти IDJShow. Тој ќе биде еден тројцата членови на жирито, заедно со српските пејачи Теодора Џехверовиќ и Реља Поповиќ. Во разговор за „Репортер“ Дарко вели дека со нетрпение го чека почетокот на шоуто, во кое ќе се избираат 12 најдобри музичари од сите пријавени.
„Многу ми е мило што имам можност да бидам дел од ова шоу. Целиот живот го посветив на работа со талентирани и нови музичари на кои им се посветувам подеднакво како и на веќе докажаните пеачки и пејачи од Балканот. Горд сум на сето тоа што го постигнавме досега заедно со продуцентите на шоуто и едвај чекам да видите што направивме“, рече Дарко за „Репортер“.
Според Димитров, шоуто е одлична прилика да им се помогне на младите изведувачи да ја изградат својата кариера.
„Среќен сум што ќе запознаам и ќе работам со нови, млади таленти, на кои може да им помогнам да ја изградат својата кариера. Верувам дека продукцијата IDJ е најдобра денес за тоа“, додаде Дарко.
IDJShow инвестира еден милион евра во развој на кариерите на 12 нови музичари, а фокусиран е на дигиталните медиуми поради што ова ќе биде првото регионално шоу за таленти во кое учесниците ќе ги развијат и своите дигитални платформи и ќе добијат можност да се стекнат со титулата музички инфлуенсер ѕвезди. Од IDJ неодамна за српските медиуми изјавија дека се пресреќни што Дарко е дел од шоуто и дека неговото искуство, знаење и идеи ќе бидат непроценливи за учесниците.
А. Јовановска