Свечено отворање на Струшките вечери на поезијата во Домот на поезијата во Струга

Утревечер (четврток, 22 август) во 20:30во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Домот на поезијата, ќе се одржи церемонијата на свеченото отворање на годинешното 63. издание на Фестивалот, кое традиционално започнува со поетското читање „Меридијани“.

Оваа година, церемонијата на свеченото отворање ќе се случува во големата сала на Центарот за култура, со специјално подготвена сценографија од ОТП студио, на начин што ги истакнува потенцијалите на сценскиот простор преку поврзување на главната со летната сцена. Со ваквото поврзување се добива импресивен волумен, кој нуди безброј можности за мултимедијални настани од различен вид. Последен пат, ова е направено пред повеќе од 30
години.

Во рамки на церемонијата на отворање е предвиден настап на нашиот познат пијанист Дино Имери, читање на поетската порака од страна на истакнатиот поет Веле Смилевски, а Фестивалот за отворен ќе го прогласи Министерот за култура, Зоран Љутков кој ќе има свое обраќање.

Во рамки на поетското читање „Меридијани“ свои стихови ќе прочитаат: добитникот на Златниот венец, истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон, добитничката на „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, нашата истакната поетеса и книжевен теоретичар, Катица Ќулавкова, добитничката на „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, истакнатиот шведски поет Бенгт Берг,кој годинава ќе биде претставен и во рамки на едицијата „Плејади“,германската поетеса Ана Хофман, турскиот поет Ѓокченур Челебиоглу, монголскиот поет Галсансух Дежидмаа како и многу други странски и домашни поети.

„Мотото на годинешниот фестивал е ДОПИР НА УБАВИНАТА. Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик кој овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на Убавината, отелотворена во поезија. Но исто така, сакаме да оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку тактилноста и рељефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата.

Scroll to Top