Тоде мој таму каде што си болки не постојат, Маријана скршена од тага по смртта на поранешниот сопруг

Вчера по долго боледување, од рак на белите дробови почина Тоде Новачевски, еден од најдобрите македонски композитори и поранешен сопруг на пејачката Маријана. Веста за смртта на Тоде ја сподели и Росана, сестрата на Маријана, која со многу емоции се прости од него. Во кусиот разговор за „Репортер“ таа ни кажа дека се многу тажни и дека сè уште не можат да се соземат, особено што во моментов нејзината сестра е во Австралија каде долги години живее.

„Што да кажам, ние сме многу, многу тажни. Кога е во прашање Тоде, тоа се многу години поминати, и многу убави песни од душа зад кои стои тој. Безвременските хитови кои се напишани од него за нас и испеани емотивно од душа и срце се спомени кои не се забораваат. Тешко е, затоа што тој е татко на моите внуци, човек кој навистина беше скромен. Врвен професионалец на кого навистина музиката му беше сè. Му се поклонувам и аплаудирам, тој тоа навистина го заслужи, оти беше композитор и маестро. За жал, ние мора да научиме да живееме со болката“, вели Росана за „Репортер“.

Таа го спомна и нејзиниот брат Мирослав, кој исто така почина од рак, пред четири години. „Сега заедно со нашиот брат горе некаде нека компонираат, музицираат, бидејќи музиката им беше живот“, додава Росана Сариќ-Тодоровска.

И неговата поранешна сопруга Маријана се прости од Новачевски. Со многу емоции и скршена од тага вели: „Рековме збогум. Сакам песно моја да те испеам, сета болка своја, како солза да ја слеам. Одлетај песно моја, моја гулабице, побарај ведро небо за мојот бол на срце. Почивај во мир Тоде мој, таму некаде каде болки и премрежја не постојат“, напиша таа и ја објави нивната заедничка песна „Ако не исчезнам“.

Тоде и Маријана беа разведени. Тој во интервју за „Свет Австралија“ лани зборуваше за двегодишната бора со ракот, но и за односот со неговата поранешна сопруга Маријана и нивните деца. Тогаш рече дека за ќерка му Билјана може да зборува со денови, а во исто време е благодарен што Маријана не дозволила нивната разделба и развод негативно да влијаат во нивниот однос кон децата.

„Децата се најмалку виновни за недоразбирањата во нашата врска. По две децении од разводот, јас сега јасно ги гледам моите слабости кои ги имав во тој период. За мојата одлука да заминам не обвинувам никој друг, ниту Маријана. Ова го тврдам иако сум свесен дека разликите помеѓу нас почнаа да се зголемуваат токму од моментот кога одлучивме да останеме во Австралија. А одлучивме затоа што наместо да заработиме за мебел во станот во Скопје, ние тешко заработените пари од нивните настапи ги трошевме за друго“, раскажа тогаш Тоде.

Тоде ќе остане запаметен по неговите антологиски песни што ги напиша за Маријана и Росана: „А од љубов не се бега“, „Ако не исчезнам“, „Признавам“ и многу други.

А. Георгиев

 

Scroll to Top