Некогашниот градоначалник Трифун Костовски се почесто е активен на социјалните мрежи. Впечаток остава и неговиот нов имиџ, долгата коса, за која вели дека ја пуштил со причина. Не само косата, туку сменет му е и стилот на облекување, па како вели, сега кога е во пензија може да се прошета и во кежуал издание. Во разговорот за Репортер, тој зборуваше и за новиот имиџ и за стечајот на Еуростандард банка.
„Точно, го менувам сопствениот имиџ, а за таквото нешто постојат и поводи. Во бившата СФРЈ во моите тинејџерски години бев вљубеник во музиката која беше промовирана од Битлси, Ролингстоунси и останатите светски групи. Со музиката од овие познати групи го следев и нивниот имиџ кој комплетно одговараше на мојот личен карактер. За жал во тие години во училиштата не ни дозволуваа да пуштаме долги коси, на универзитет исто така, бидејќи кај тогашниот едукативен кадар оваа нова светска појава беше третирана како ерес. По дипломирањето се вработив во фирмата Технометал Македонија во делот на надворешна трговија каде уште повеќе се користеше конзервативниот пристап во работата и водењето бизнис. Заминав во пензија и верувајте сега ја доживеав таа слобода да можам да се однесувам така како што отсекогаш сум сонувал. Пуштив брада, долга коса и актуелните модни трендови многу ми прилегаат и ги сакам. Полека излегувам од конвенционалниот начин на живеење и се повеќе и повеќе го користам моето право и слобода на кежуал облекување“, ни раскажа за Репортер, Трифун Костовски, бизнисмен и поранешен градоначалник на Скопје.
Освен долгите коси, некогаш првиот човек на Кометал Ѓорче Петров, често се организира со своите пријатели на партија фудбал или пак одат на тенис.
Тој е во брак со сопругата Драгица со која ги има децата Олга, Филип и Коки. Низ годините, освен со бизнисот, тој се занимаваше и со музика, па во 2018 промовираше шест песни кои ги работеше со Александар Митевски.
Интерес предизвика и неговото присуство на социјалните мрежи. Веќе подолго време има своја официјална Фејсбук страница. Освен што објавува приватни фотографии од семејството, често пати споделува и свои ставови.
Костовски особено сега е актуелен откако се спомнува неговото име по стечајот на Еуростандард банка. И за ова во Репортер открива: Можеби сум напорен кај многумина мои сограѓани со својата упорност да докажам дека се работи за организиран криминал во стечајот на Еуростандард банка. Одлучив да се доближам до моите сограѓани и сфатив дека најдобра можност се токму социјалните мрежи. На овој начин ќе можам да ги пренесувам моите ставови не само поврзани со Еуростандард банка, туку ставови што во основа живот значат. Сакам на овој начин да ме запознаат моите сограѓани, а во основа и јас подобро да се запознаам со нивните доблести, мани, проблеми, успеси, радости и таги. Со моето присуство на социјалните мрежи сакам да бидам подобро да ме запознаат. Можеби вам ви изгледа како невозможна мисија, бидејќи поддршката во мојата борба ја барам токму од мојот народ во Македонија. А дали ќе успеам во мојата мисија или не, тоа и не е важно. Важно е дека покренувам еден нов светоглед за наше меѓусебно запознавање, само со една цел да му кажеме збогум на најголемото општествено зло, а тоа е криминалот“, вели Костовски.
Александра Георгиев