„Центарска симфонија“, – концерт посветен на најубавата филмска музика, изведена во живо од камерен оркестар и бенд, со специјален гостин музичката ѕвезда Александар Тарабунов.
Концертот ќе се одржи оваа сабота (28 јуни 2025) со почеток во 20:00 часот, на плочникот кај Градски ѕид (Клуб на новинари).
„Центарска симфонија е музичко патување низ емоции, спомени и современи интерпретации во Центар, во срцето на Скопје. Ќе слушаме македонска и светска филмска музика во ново, моќно симфониско руво. Со настани како ‘Центарска симфонија’ ја збогатуваме културната понуда на Општина Центар и ја доближуваме уметноста до секој граѓанин. Горди сме што инвестираме во култура која ги поврзува генерациите и ја разубавува заедничката слика за животот во Центар“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Концертот е бесплатен за граѓаните и е дел од културната програма на Општина Центар, која годинава носи повеќе настани.
„Ве поканувам на 28 јуни на ‘Центарска симфонија’, ќе пееме филмска музика и за првпат ќе имате можност да ја слушнете мојата најнова песна „Заедно“ со симфониски оркестар. Дојдете да пееме заедно и да уживаме таа вечер”, порачува Тарабунов.