На манифестација „Златна бубамара на популарноста“, настапот на Андријана Јаневска и рецитирањето на Игор Џамбазов не остави никој рамнодушен. Еден од најдобрите македонски вокали ја запеа „Ми заплакало селото Ваташа“, додека Џамбазов ја рецитираше „Цветови“ од Славко Јаневски.
За нивниот настап на големо се зборува, а на социјалните мрежи не престануваат да споделуваат воодушевувања . Оваа идеја беше на организаторот Ранко Петровиќ, кој не заборави да потсети на 12. ваташки младинци, кои беа крвнички убиени од бугарските фашисти на 16. јуни, 1943 година.
„Додека настапував чувствував возбуда бидејќи, како сите Македонци, така и мене ме погодува текстот и мелодијата на песната. Беспрекорната рецитација на Игор Џамбазов, заедно со моќната изведба на хорот, придонесоа песната да добие друга димензија. Во салата се чувствуваше дека песна и рецитацијата на Игор ги допира сите. И реално, оваа песна баш ги допре срцата на секој родољуб кој си ја сака Македонија“, ни изјави за Репортер Андријана Јаневска.
Во разговорот ни откри дека песната ја знаела но никогаш претходно немала можност да ја испее. “ Ова беше прва изведба. Гледав повеќе верзии и се одлучив за верзијата на Кате од групата „Нели ти реков“, вели Јаневска. И додава дека избрала да пее побавно темпо за да може Игор да ги рецитира стиховите на песната „Цветови“. Дамир Имери го работел аранжманот за оркестарот и хорот Мирче Ацев.
„Со Ранко и Игор снимивме пробна верзија за да чуеме како ќе звучи. Еден ден пред настапот имавме заедничка проба во салата и се беше во најдобар ред“, вели Јаневска.
На прашањето дали црвениот фустан кој го носеше го одбрала заради симболиката, вели: Секако дека да, црвениот фустан е симбол на детската крв која беше пролеана во Ваташа.
Андријана Јаневска покрај музичките ангажмани, замина за Италија, кај нејзината сестра која неодамна се породи.
„Денес летам за Италија, во Милано, да и помогнам на сестра ми . Многу сум возбудена што ќе бидам со неа и со бебето‘, вели Јаневска .
А. Георгиев