Концертната промоција на најновиот албум „Let Us Be“ на светски познатиот македонски гитарист и автор Владимир Четкар ќе се одржи на 8. мај (среда) со почеток во 21 часот, на поткровјето на мултимедијалниот простор Јавна Соба (Public Room) во Скопје.
Овој концерт Четкар го означува и почетокот на големата меѓународна турнеја, која ќе продолжи во неколку американски метрополи – Бостон, Њујорк, Чикаго – а потоа и во Јапонија. Албумот „Let Us Be“ е четвртиот студиски проект на Четкар, снимен во Чикаго со учество на повеќе од 40 врвни студиски музичари и саунд инженери. Изданието, кое беше ексклузивно објавено во Јапонија преку музичката куќа P-Vine Records, веќе се најде на полиците на јапонските музички продавници.
„Албумот е инспириран од секојдневни моменти, љубов, предизвици и искрени емоции. Сакам на концертот заедно да го славиме животот, мигот, прошката и љубовта. На албумот симболично порачувам – оставете нè да бидеме она што сме и какви што сакаме да бидеме,“ вели Четкар во пресрет на промоцијата.
Владимир Четкар, дипломец на престижниот „Berklee College of Music“ во Бостон, веќе две децении успешно ја гради својата меѓународна кариера, постојано балансирајќи помеѓу Македонија и САД. Роден во Охрид, денес голем дел од времето го поминува во Њујорк, каде што ја продолжува својата музичка приказна.