Улхих Зајдл: Мојот престој во Скопје на „Киненова“ ќе го искористам да гледам македонски филмови

Австрискиот режисер Улрих Зајдл годинава доаѓа на МФФ Киненова. Роден е во Виена, Австрија во 1952 година. Студирал филм на Филмската академија во Виена. Неговиот краток документарен филм ТОПКАТА (1982) за малку ќе довел до негово исфрлање од филмското училиште, како поради „морално и етички сомнителната“ содржина на филмот (се сметало дека во него ги исмева своите субјекти) така и поради неговата форма: Зајдл беше обвинет за презентирање на неизмонтиран филм. Пред да режира наративни играни филмови, Зајдл ги режираше наградуваните документарни филмови: ДОБРА ВЕСТ (1990), ЉУБОВТА НА ЖИВОТНИТЕ (1995) и МОДЕЛИ (1998). ИСУС, ЗНАЕШ (2003) беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција во Карлови Вари, каде ја освои наградата за најдобар документарен филм, додека ВО ПОДРУМ (2014) и САФАРИ (2016) беа прикажани вон конкуренција во Венеција.

Неговото долгометражно деби КУЧЕШКИ ДЕНОВИ (2001) ја освои Големата специјална награда на жирито на Венецискиот филмски фестивал. УВОЗ, ИЗВОЗ (2007) беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција во Кан. Следеше неговата меѓународно признаена, наградувана трилогија РАЈ, со РАЈ: ЉУБОВ (2012), РАЈ: ВЕРА (2012) и РАЈ: НАДЕЖ (2013) премиерно соодветно прикажани во конкуренција во Кан, Венеција и Берлин. Неговото најново остварување ДИВИ ИГРИ (2023) е комбинирана и проширена верзија на неговиот диптих составен од филмовите РИМИНИ (во конкуренција на Берлинале 2022) и СПАРТА.

Колку ја познавате македонската кинематографија и дали би можеле да издвоите филмови што Ви оставиле впечаток? И воопшто, чија филмска естетика е блиска на вашиот творечки сензибилитет, чии филмови повторно на драго срце би ги погледнале?

-Моите филмски примери, т.е. моите т.н. филмски татковци, кои со својот светоглед и со својата уметничка програматика ми беа патоказ и кои ми ја поттикнуваа креативноста додека учев да станам режисер, ги имам споменато во стотици интервјуа. За жал, со срам морам да признаам дека не сум упатен во македонскиот филмски пејзаж. Тоа секако не е поврзано со Македонија како таква, туку со тоа што поради мојата секојдневна работа како автор, режисер и продуцент, општо земено, имам мошне малку време воопшто да гледам филмови. Се надевам дека мојот престој во Скопје при учеството на филмскиот фестивал КИНЕНОВА ќе можам да го искористам и за да го надоместам овој кусок и да ги дознаам филмовите што безусловно морам да ги гледам. Тоа уште сега многу ме радува.

Колку е политичкото важно во Вашите остварувања? Колку сакате отворено да кокетирате со него, а колку суптилно да го скриете и да го провлечете низ Вашите приказни?

-Нема што да се крие. Што ли воопшто би требало да се крие? Моите приказни се автентични, се напојуваат од стварноста на нашиот живот, а и покрај тоа се фикционални. Меѓутоа, моите филмови, кои априори немаат политичка содржина, се сепак политички во таа смисла што се одликуваат со општественокритички црти. Тие сликаат и скицираат, може да се каже, една обичајна слика на нашите западни општества.

Scroll to Top