Поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, повторно e приведен. Иако вчера беше пуштен од затворот во домашен притвор, Чавков повторно е однесен во притворското одделение на истражниот затвор „Шуто Оризари“.
Вчера, откако го пуштија Чавков дома, на социјалните мрежи осамнаа фотографии на кои тој со чаша виски и со неговите блиски прославува што по четири месеци е дома. Покрај Чавков, повторно приведени се и поранешните припадници на МВР, Душко Лазаров и Оливер Поповски, како и Горан Ѓошевски, кој беше дел од обезбедувањето на експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, заедно со Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање.
Против нив вчера беше покренато обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со упадот во Собранието на 27 април минатата година.